“Тито да беше немаше да го чека толку народ како Победа”, раскажува мајсторот за “ножички” и слободни удари oд Прилеп

Живот исполнет со фудбалски радости на Кирил Атанасоски – Бикерес

-Ич не сакав популарност, оти кај појди само тебе те гледаат – вели мајсторот за „ножички“ и слободни удари

Вистинска спортска ѕвезда за пример е Кирил Атанасоски – Бикерес. Само прекарот да се спомне и сите знаат за кого се работи. Да прошета низ градот многумина ќе го сопрат и ќе го чепнат нешто за фудбалот.

Го паметат, иако кариерата во Победа како десно крило ја завршил пред 53 години. Зад него се настапи во Републичка лига, Четврта зона, југословенски куп, Втора лига… Сé е поврзано со Бикерес. А од каде тој прекар?.

-Не можам точно да објаснам. Седев на клупа во Гимназијата со еден Турчин, Љутвија. Кога правевме писмени, од дома требаше да носиме мастило и перо. Носев само перо, а тој мастило. Му велам: Дај да макнам еднаш – двапати. Го реков на турски, отприлика звучеше на бикерес и така настана прекарот по кој сите ме познаваат. Во Прилеп е така. Штом немаш прекар, никој нема да те знае – вели Атанасоски.

Фудбалските чекори биле во клубот со првото име СД Гоце Делчев во 1949 година, на 15 години. Многу од постарите играчи биле казнети. Наместо нив заиграле млади.

Кирил почнал една година порано од прописите, оти немало кој да игра. Првиот меч бил во Штип. Се родиле ривалските односи меѓу градовите и екипите.

На гости гледачите викале ,,Уа Гоце Делчев!,,. Затоа се собрале одозгора функционерите и одлучиле тимот да го смени името во ФК Победа. Бикерес влегува во тимот и не излегува 16 години.

-Многу натпревари одиграв, но за најдобриот немам дилеми. И денес ми велат дека не се заборава голот со ,,ножички,,. Се случи непосредно пред 1 мај, мојот роденден, во 1960 година кога игравме дома со фаворитот Спартак од Суботица. Победивме 3-0, а тој беше третиот гол. Топката беше фрлена од аут, примена на гради и од гради преку ,,ножичките,, во подалечниот горен агол на голот кај старата болница. Бидејќи бев свртен со грбот, не ја видов топката. Се закачила во аголот каде што имаше свиткано железо да ја држи мрежата – вели Бикерес.

,,Ножичките,, се најатрактивен потег во фудбалот. Нужно е големо мајсторство, многу талент и вежбање. Кирил не тренирал. Само слушал од некаде. Немало откаде да види, од телевизија и слично. Со првиот тренер, Никола Новаковиќ, тренирал само слободни удари. Поставувал една табла во висина и должина на голот. На неа имало бројки и нив ги гаѓал. Така станал мајстор за слободни удари.

-Тренирав многу. Кога наместија улично осветлување што го осветлуваше и стадионот, тренирав и ноќе. Имав двоен фелш. Прво ја удирав топката со предниот дел од ногата, кај палецот, со кој се дава забрзување, потоа со средниот дел и крајниот удар е со петицата. Топката прво оди пет-седум или десет метра во еден правец, потоа менува друг фелш, а со последниот удар се чини како да излегува надвор. Голманите не реагираат, но топката тогаш влегува в гол. Ниеден не бранеше, оти сите мислеа дека е надвор. Само Стојановиќ од Звезда одбрани со двоен отскок кон топката. Му честитав – кажува Атанасоски.

Сите зборувале за победите, успесите, головите на Бикерес. Тој бил голема ѕвезда од педесеттите и шеесеттите години. Можеме да се замисли што се случувало во тоа време, кога фудбалер на Победа претставувал најголема вредност. Или слично како сега што доживуваат фудбалерите на Хрватска во татковината.

-Кај појди, само те гледаат. Секаде исто. Кога бев со друштво, им велев на другарите: Да си одиме, не сме за овде. Ич не сакав популарност. Идевме од каде што победивме, дали беше од Приштина или Косовска Митровица, цел град не пречекуваше. Тито да беше, немаше толку народ да има. Сите со цвеќиња. И тренинзите ги следеше публика. Кога ќе одевме на железничка, 200-300 души нé испраќаа. Популарни бевме, оти тогаш немаше друга занимација во градов, освен фудбалот- вели тој.

За навивачите зборува нашироко. Примери безброј. Гимназијата сосе професори и ученици сите ја испланирале екскурзијата низ Југославија да се совпадне баш со натпреварот на Победа со Спартак во Суботица. Меѓу навивачите имало од сите генерации.

-Таму видов и едно старче. Седна до мене во ресторанот каде што ручавме пред натпреварот. Му реков, касни и ти нешто. Го прашувам: Што ти текна да дојдиш? Од Прилеп дојдов за да навивам. Алал да ти е, му реков. Како стаса? Од дома не знаат кај сум. Избеган сум. Го продадов магарето и со тие пари дојдов да го гледам мечов. Такви беа. Имаше многу како него, приврзани кон клубот – памети Атанасоски.

Крајот на кариерата не се планира. Така и кај Кирил. Ја завршил на 31 година, а сите посакувале да игра уште сезони. Ја пропушти пресудната 1965/66, сезона во која за влакно не успеа влезот во Првата југословенска лига? Да беше и тој во тимот можеби првото место немаше да побегне. И постигнат најголемиот успех.

-Имав предиспозиции да играм, ама завршив ни удрен, ни ништо. Изведував корнер таму кај станот. Само што ја кренав ногата да ја удрам топката и – така останав. Пет месеци на штица лежев. Бев во Скопје каде докторот ми порача да не ризикувам со операција, оти може да има последици, да останам цел живот во инвалидска количка. Ми рече да издржам со болките, а потоа да го терам животот како што сакам. Се вратив назад и повеќе топка не удрив – се сеќава Бикерес.

Без фудбал не може и се посветува на тренерската работа. Обучува пионери мошне успешно. Од тие генерации се Марјан Стојкоски – Манта. Сепак, куса му е тренерската кариера. Причина се немањето добри услови. Реагира загрижен за децата, за нивното здравје. По два часа тренинг и пот, одат дома по секакво невреме. Неколку години чека, а кога гледа дека нема подобрени услови, откажува. Се збогува и со фудбалот.

-Одев на стадион и се воздржував. Не сум коментирал меч. Подоцна престанав да одам. Сега воопшто не сум отишол. Не знам каде е стадионот, за жал. Како дуќанџија да нема дуќан. Гледам редовно на телевизија. И сето Светско го изгледав. Малите држави покажаа дека знаат да играат врвен фудбал. Кај големите репрезентации имаше некој проблем. Меси, Роналдо и другите како да ги чуваа нозете за во клубовите. Таму печалат многу пари – вели Атанасоски.

Во споредбата на некогашниот со денешен фудбал смета дека секоја генерација го цени своето. Бикерес бега од субјективноста и сака да биде реален, објективен.

-Некогашниот фудбал имаше убавина. Немаше гладијаторско со 120 минути. Денешниот фудбал е побрз, поостар, повеќе се шутира, условите се 100 отсто фудбалски, со терени, стадиони, опрема, топки, исхрана, психолози… Еден играч истрчува по 16 километри. Замисли, како да трча до Кривогаштани. Ние трчавме толку на три-четири натпревари. Не знам како издржуваат – завршува Бикерес.

Ни професионалци, ни аматери

-Немавме никакви услови. Се миевме по бунарите кај соседните куќи. Теренот немаќе трева. Го вадеа со цистерна да не се крева прашина, оти не ќе можиш да се видиш. Прво патувавме со товарни камиони низ Македонија. До Битола стасувавме за четири-пет часа. Игравме фудбал на средина. Не бевме ниту професионалци, ни аматери. Даваа некои пари, а ниеден играч не беше осигуран. Повеќето, 99 отсто, работеа. Работев во Тутунски комбинат, во книговодство.

Највредното е чесноста

-Комуницирав со доктори, инженери, агрономи. Оти една работа е важна: популарноста е многу слатка, ама многу е болна. Да најдеш начин да се одржиш меѓу луѓето. Популарноста да не те замрачи. Луѓето да не те заборават, да не почнат да викаат ,,уа,,. Да не го продадеш највредното – чесноста. Со секого да правиш муабет. И со амалите сум седел под Саатот.

Капа долу за Моша

-Најдобар тренер е тој што е интелигентен, кој комуницира со играчите, го дозира тренингот колку што е нужно, да ја хомогенизира екипата, да сработи како што замислил. Таков беше Моша Марјановиќ. Интелигенција и фудбал. Како да бевме на Слет на ЈНА во Белград. Вежбавме, како за на Слет. Не можевме да куртулиме. Тренер со сите тантали. Го бидуваше за сé. Се однесуваше спортски, духовно. Низ разговори одеа подготовките за натпреварите, без навреди, викања. Интелигентно како на предавање. Многу научивме од него.

Извор: “ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.