Тајните на едена цела милениумска епоха, сместени во манастирот во село Слепче

Западните делови на Македонија се инспиративни во секој поглед. Овие живописни краишта кријат многу убавини, многу монументални зданија, многу историја и приказни.
Особено Демирхисарскиот регион има што да понуди во поглед на манастирскиот и црковниот туризам. Слепче се наоѓа западно од Демир Хисар, а десно од патот Кичево-Демир Хисар.
Манастирот во село Слепче „Свети Јован Претеча“, е 1000 годишна историја, сместена на едно место. Ова светилиште крие толку тајни, толку историја, што и една книга да се напише би била малку за да се раскажи за сите бурни настани поврзани со него.
Oвој манастир е едно од најстарите и најзначајните светилишта во Република Македонија, сместен на 3 километри од селото Слепче, стои, сведочи и повикува секој да го посети, да се оддалечи од градската гужва и да ужива за миг во недопрена природа, планинска вода и рај за очи.
Според старите легенди, манастирот го изградил Цар Самуил после битката кај Беласица во 1014 година. Се верува дека дел од ослепената самуилова војска на патот до Охрид, поминала низ Демирхисарско, а дел од нив се здомиле во манастирот, па поради тоа истиот е наречен Слепченски, додека пак ридот кој се издига во непосредна близина на манастирот го нарекле Самуилов рид.
Манастирот претрпел повеќе пустошења, палења, но и ден денес постои, плени со убавината на градба, прекрасните конаци, зеленилото. Овде било местото каде што често престојувале и војводите Никола Карев и Јордан Пиперката, овде говори секој камен, секоја ледина, секој ѕид, секој агол.
Во манастирските визби постојат мистични тунели кои воделе до таен излез директно во блиската шума. Но за несреќа тој излез е изгубен со невнимание при пробивањето на патот до манастирот.
Посетете го ова волшебно место, помолете се и пренесете ја бајката.

 

Подготви: Александар Георгиоски

ФОТО – Даниел Бошкоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.