Сугарески се јави по една година молк: Владата е супер не го кочи Прилеп, живееме одлично?

Фејсбук статус на поранешниот пратеник и министер за транспорт и врски, Горан Сугарески

Најголема лага е дека централната власт го кочи Прилеп! Повеќе од една година молчев, премолчувајќи ги притоа и сите навреди кои на лична основа беа искажани кон мене, но и кон членовите на моето најтесно семејство.

Повеќе од една година не го коментирав работењето на локалната самоуправа и градоначалникот Борче Јовчески, чекајќи да биди испорачано она кое тој во изборната кампања им го вети на граѓаните на Прилеп.

Нема вистина во изјавата на Јовчески дека централната власт го кочи Прилеп, односно дека ја опструира работата на градоначалникот и општинската власт.

Добро ми се познати сите владини проекти кои се сработија за Прилеп и во Прилеп. Оние завршените нема да ги спомнувам, туку ќе се задржам и ќе ги аргументирам само проектите на Владата кои се, или треба да бидат во фаза на реализација, а за кои локалната власт односно градоначалникот Борче Јовчески, велат дека се нивно дело.

Да бидеме начисто:

• Изградбата на водоводот „Пашоски ливади“ е финансиран од Владата преку ТАВ програмата, со минимум општински пари;

• Реконструкцијата на влезот во Прилеп од страната на Крушево, улицата „Леце Котески“, ќе ја прави Министерството за транспорт и врски;

• Водоводот за манастирот Трескавец е исто така дело на Владата, со средства од ТАВ програмата;

• Од 30-те урбанистички планови за населените места кои се исто така финансирани од Владата, 29 сеуште не се донесени;

• Инвестициите во прилепската Гимназија, во медицинското и хемиското училиште, новата спортска сала во ООУ „Кире Гаврилоски“, исто така се дело на Владата.

Вчудовиден сум од изјавата дека централната власт ја кочи работата на градоначалникот Јовчески. Тоа е една голема лага!

Ако постои такво нешто, ако макар и еден проект е закочен или опструиран од централната власт, како вработен во Општина Прилеп и како поранешен функционер, се нудам и го повикувам градоначалникот Јовчески уште денес заедно да појдеме во Скопје и да најдеме решение за проблемот.

Ама такво нешто нема, не постои! Помошта која Владата им ја дава на општините, меѓу нив и на Општина Прилеп, била и секогаш ќе биди безусловна и неселективна. Се’ друго освен ова, е грубо извртување на вистината!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.