Со влезот во НАТО, грчки авиони ќе го чyвaaт македонското небо

Откако Македонија и официјално стана членка на НАТО започнува и обврската за контрола на македонското небо. Отпорано се знаеше дека за тоа ќе биде задолжена Грција а тоа за прв пат беше обелоденето за време на посетата на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас на Скопје.

Тогаш тој објасни дека ќе им биде особена чест да го чуваат небото на соседот и оти на тој начин покажуваат дека ќе се грижат за безбедноста.

За тоа да биде возможно пред неколку месеци двете министерства потпишаа договор за надзор на воздушниот простор.

Станува збор за т.н „Air-policing“придобивка која важи само за земјите членки на Алијансата и вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили со соодветни сили и средства за противвоздушна одбрана, вклучувајќи и борбени авиони. Целта е заштита на интегритетот на воздушниот простор на НАТО земјите членки.

Патролирањето во воздухопловниот простор (Air Policing) е под надзор и водство на воздухопловната команда на сојузничките сили

Оваа услуга обично се плаќа но Грција се согласи македонското небо да го чува бесплатно. Црна Гора која исто така нема своја авијација, на Италија и плаќа околу 400.000 евра.

Македонските авиони одамна се приземјени а на располагање имаме само хеликоптери за ниски висини.

За разлика од нас, Грција има една од најсилните авијации во регионот. Во нивната флота има околу 300 авиони и тоа „Ф-16 Фајтинг“, француските „Мираж“, како и„Ф-4 Фантом“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.