Секоја чест! Ученици од ООУ “Кочо Рацин” со поддршка од компанијата “Тила” ќе засадат 2.000 дрвца

„Тила“, единствениот македонски бренд за деца, овој пат во една малку поразлична добротворна акција, поттикната од добрата и јасна цел на едно деветгодишно дете да помогне на природата со пошумување на дрвја.

Оваа акција се одвива на опожарениот дел на планината Селечка, во близина на манастирот Св. Димитрија во с. Селце. со вкупен број на 2.000 садници кои ги обезбеди ОOУ „Кочо Рацин“ и компанијата „Тила“ од Прилеп, а ќе бидат насадени од страна на сите дечиња од IV до IX одделение.

– Кога се децата во прашање, ние имаме слух за нивните потреби, се разбира во рамките на нашите можности. Досега сме помогнале со разни донации на гардероба од нашиот бренд, но овој пат наидовме на нешто сосема поразлично. Искрено и од сѐ срце ја поддржуваме оваа идеја за да испратиме убава порака до сите дечиња, па и до нас возрасните, за тоа колку малку треба за да се направи едно добро дело – вели управителот на „Тила“, Ивана Зајкоска.

Помошта за реализација на оваа искрена идеја на едно дете не запира тука. Јавното претпријатие „Македонски шуми“ од Прилеп го подготви теренот за ова пошумување, додека компанијата „Дам Дам градина“ од Прилеп е тука за да ги едуцира и води децата низ процесот на пошумување и за нашето влијание врз природата.Превозот на учениците до локацијата го обезбеди ПУП Општина Прилеп.

Деветгодишното дете ја предложило оваа идеја пред своите соученици од IVа одделение во ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп за време на изборот на претседател на класот. Предизвик, а воедно и цел, на ова дете било да направи нешто што би било добро за сите дечиња, со што ја добило довербата на неговите соученици.

Со цел да се реализира оваа добра мисла, „Тила“, како општествено одговорна компанија чиј свет е исто така детскиот свет и нивните потреби, ќе ги поддржи најмладите, заедно со одделенскиот наставник Анета Станкоска и директорката на училиштето – Јулијана Тренкоска.

– Оваа поддршка на едно училиште во воспитно-образовниот процес на децата е исклучителна и од големо значење и само на овој начин ќе успееме заедно во создавањето на совесни и одговорни млади личности – вели Ивана Зајкоска.

„Тила“ е детски бренд за облека со сопствено производство и дизајн во Прилеп. Ние сме единствена компанија во Македонија што целокупниот процес од идеја, дизајн, набавка, производство и продажба на детска колекција, го реализира сама. Компанијата во моментот брои вкупно 22 вработени и успеа да ги задржи најголем дел од своите вработени по невидената загуба која ја доживеа во пожарот на 21.04.2023 година.
Двете сестри, Ивана и Наташа, ја создаваат „Тила“ во 2009 година и го преземаат семејниот бизнис, кој долги години се занимаваше со производство на ексклузивни дизајнерски детски брендови од светската мода.

Учејќи од најдобрите, преку личното работно искуство, двете сестри оставаат свој печат на модниот пазар во Македонија.Нивната единствена цел им е да го создаваат најдоброто за децата, слушајќи ги истовремено потребите на мајките и децата.
Колекциите на „Тила“ се создадени според модните трендови во светот, ставајќи најголем акцент на квалитетот на производството, како и на изборот на материјали.

Низ годините, „Тила“ се труди да биде општествено одговорна компанија, со единствена цел да помага на децата. Во рамките на своите можности, има донирано од својот асортиман на неколку институции и семејства меѓу кои се: општата болница во Прилеп (гинеколошко одделение), ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп, ОУ. „Пецо Даскалот“ с. Долнени, „Детска амбасада за сите деца во светот“ од Прилеп, здружението „Порака“ од Прилеп итн.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.