Свештеник од Прилеп за богатите тримирски трпези и даровите

(Фејсбук статус на Протоереј Љупче Петрески)

“Денес повторно фотографии од посни трпези(?) и женски друштва. Ајде повторно да кажеме неколку збора за тие прослави. Во Прилеп преживеал обичај кој носи име – Тримир, и го „прославуваат“ жените. Овој адет се пренесува со генерации. Имено, домаќинка на Тримирот е мајката на „младата невеста“ и таа кани гостинки на прослава. На „прославата“ се доаѓа со дар, односно некаков посен специјалитет, овошје или боза. На трпезата има зелници, гравче … Атмосферата е весела, распеана. Толку знам!

Во минатото било правило домаќинката да држи Тримир до денот кога доаѓале гостинките. Но, што навистина е Тримирот?

Во вистинската смисла и суштина на зборот, тримирот е тридневно воздржување од храна и вода и претставува особен подвиг, се разбира пропратен со молитва, во светата Четириестница. На третиот ден „тримирџиите“ се причестуваат со телото и крвта Христови и се напиваат света вода.

Но, прославувањето за кое споменав, воопшто не соодветствува со вистинскиот Тримир. Денешните домаќинки, воопшто не постат а уште помалку се причестуваат. Некои можеби и постат, но само заради адет. Оние кои постат во вистинската смисла на зборот, ја познаваат суштината на постот и не организираат прослави зашто прославата не соодветствува со овие денови на пост и молитва. Исто така, на трпезата се принесува храна подготвена со масло, а овие денови постот е „на вода“. Затоа, овој обичај, нема допирна точка со името кое го носи и со постот. Впрочем, овој обичај го нарушува Великиот пост”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.