Промовирана монографијата „60 години Витаминка“

Во Стопанската комора на Македонија промовирана е монографијата „60 години Витаминка“, чиј автор е Тачко Локвенец. Монографијата е посветена на успешната приказна за шестдецениското постоење на овој национален бренд, како и личниот придонес на Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на Витаминка и неговиот ангажман за растот и развојот на компанијата.

– Моето 44-годишно работно искуство во Витаминка ме научи дека се исплати внимателното, грижливото и домаќинското работење. Имало и лесни и тешки моменти во мојата кариера. Но, секогаш сум имал среќа околу себе да имам одлични соработници, вработени и колеги кои верувале на одлуките на раководството и бескомпромисно се посветувале на обврските, работејќи одговорно. Сите овие човечки вредности заедно со потенцијалите и искористувањето на технолошките капацитети придонесоа денес Витаминка да биде еден од најуспешните прехранбени производствени капацитети – лидер на македонскиот пазар и во регионот, пошироко. Со гордост можам да кажам дека Витаминка денес претставува вистински репрезент на квалитет и успех – изјави Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на Витаминка.

Наумоски емотивно низ одбрани зборови и со зарипнат глас ги потенцира значајните моменти во развојот од 1974 година.

-Дојдов во фабрика која произведуваше само црвен пипер со залиха за неколку години. Раскарини и поделени беа и стручнаците. Успев да ги обединам и со скитање дење и ноќе со автобуси и возови низ Македонија и Југославија да се ослободиме од залихата на единствениот производ – црвениот пипер. Иако рокот му е само две години во тој период се реализира низ Македонија и Југославија со патувања и упорност со верба дека е можно од пепелта да се крене модерна фабрика. Со набавка мала машина за пакување на црн пипер, сода бикарбона, ванила, прашак за печиво се прошири палетата на производство, а најголемиот подем е достигнат со инсталацијата на машината за флипс, наместо за чипси. Човечкиот фактор е најзначаен. Со стручен приод се влезе во нов домен, продукција на чоколадните школки Атлантис. Се реализираше идејата секој година да се лансираат барем по десетина нови производи или нови пакувања. Најтешко беше кога од пазарот од 22 милиони од Југославија паднавме на два милиони пазар во Македонија во почетокот на деведесеттите години, кога продукцијата падна на четвртина од претходното. Со макотрпна работа, многу одрекувања, упорност и посветеност и со развојни проекти се пребродија неколку тешки години. Во клучните моменти на Витаминка беше и доцнењето продукцијата на фабриката за кекси и излетот во непозната сфера со инвестиција во продукцијата на СО2 во изворот Гермијан кај Битола. Сепак носечки се квалитетот на тимот, погледите во развојот, непомирливоста со неможното. Тоа бара семејни жртви. Сепак, најдов разбирање кај сопругата Маре, која совршено ги израсна и воспита моите деца Сашо и Наташа. Тие заедно со млада екипа успешно ги следат стапките на преходниците на Витаминка во нови развојни ангажмани. Лани продукцијата мина 39 милиони евра од кои 45 отсто се пласмани во странство. Среќен сум и уживам со внуците и со двете правнучиња – заврши возбудено Наумоски кој е добитник на десетици државни и локални награди.

За претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, успехот на Витаминка несомнено е врзан за успехот на првиот човек на компанијата како претседател на Одборот на директори.

-Наумоски сам по себе претставува бренд, ако се следи неговиот деловен развој паралелно со развојот на една од најуспешните македонски компании, лидер во прехранбената индустрија и производител со европски квалитет. Во Прилеп сите имаат прекари, а Наумоски нема. А би требало да има. Наумоски треба да го викаат Германија, бидејќи секогаш урнек за просперитет на Витаминка му беше оваа земја – истакна Азески.

Според него, успехот се темели на неколку клучни одлуки што ги донел Наумоски како лидер. Воспоставил квалитетна кадровска структура, упорноста е значаен сегмент во креирањето и реализирањето на деловната политика и трето, фокусот на развој на компанијата го темели на изнаоѓање нови пазари во светот.

На промоцијата присуствуваа познати македонски стопанственици и претставници на бизнис секторот од Македонија.

Успешната приказна на Витаминка почнува од 1974 како компанија за производство на мелен црвен пипер. Со развивање, отворање нови пазари и инвестиции, компанијата го гради патот кон успехот, прераснувајќи во лидер во прехранбената индустрија на македонскиот пазар. Витаминка е присутна и на пазарите на повеќе од 30 земји во светот, пласирајќи околу 45 отсто од годишното производство. Денес Витаминка претставува компанија зад која стојат голем број познати и изградени брендови. Широката палета на производи со околу 350 типови на пакувања, вклучува производство на различни вкусови (слатки, солени, кисели и лути) во форми на ужина, чоколади, десерти и бонбони, голем избор на пудинзи, пастеризирани производи, кечап, мајонез и различни сосови, вкусни супи и други додатоци за храна, како и бројни инстант производи, сирупи и филтер чаеви. Од неодамна семејството Витаминка доби нов член – маслото за јадење Брилијант.

Брендовите како леонардовите и микеланџеловите дела

Монографијата ,,60 години Витаминка,, е напишана од Тачко Локвенец, кој рече дека во Витаминка на сé се внимавало, но на овековечувањето, и не толку многу.

– Соработката со Наумовски е Божји пат, никогаш не зборува напамет, за се што работи запишува и дека овој негов успех не е случаен, туку е постигнат со неговата упорност и работење. Витаминка е компанија со повеќе брендови. Тие се нејзина лична карта врамена како леонардовите и микеланџеловите дела. Доволно истакнати да не мора деловните партнери да се убедуваат за успешноста умноста и способноста за работа, но и чесноста и квалитетот. Најпосле уште една реченица на Наумоски за синот Сашо. Јуниорот полека, но сигурно цврсто го држи кормилото на Витаминка низ вечно немирните води на бизнисот, заобиколен од млада, едуцирана, храбра и амбициозна тивка екипа, без која нема успеси како компанија. Монографиите не се прераскажуваат, туку се гледаат, читаат и чуваат – истакна Локвенец.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.