Од 21 до 24 мај 2026 година, спортскиот аеродром во Мало Коњари ќе стане центар на светскиот параглајдинг, каде ќе се одржи еден од трите Светски купови во дисциплината прецизно слетување.
Настанот е во организација на ПК „Скај Рајдерс“ – Прилеп, а се очекува учество на околу 70 врвни натпреварувачи од 21 држава ширум светот. Меѓу пријавените се и актуелни светски и европски шампиони, што дополнително го потврдува значењето и квалитетот на натпреварот.
Првиот ден, 21 мај, е предвиден за тренинг активности, додека официјалните натпреварувачки рунди ќе се реализираат на 22, 23 и 24 мај. Организаторите планираат одржување на максимум 12 рунди, во зависност од временските услови.
Одржувањето на ваков престижен спортски настан претставува големо признание за Прилеп и Македонија, но и значајна можност за промоција на државата како атрактивна светска параглајдинг дестинација.
Со ова, Прилеп уште еднаш се позиционира на мапата на големите меѓународни спортски случувања.

























