Под целосна заштитна опрема и со висок степен на професионалност, пожарникарите од ТППЕ Прилеп денеска на Градскиот плоштад изведоа јавна показна вежба по повод 20 Мај – Денот на пожарникарството. Во рамки на вежбата, за помалку од десет минути беше успешно извлечено лице заглавено во возило по сообраќајна несреќа, демонстрирајќи ја подготвеноста и координацијата на екипите во реални ситуации.
Покрај практичната демонстрација, акцент беше ставен и на значењето на превенцијата од пожари, особено во пресрет на сезоната на пожари на отворено. Од ТППЕ Прилеп апелираат до граѓаните на поголема внимателност и одговорност, бидејќи најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор.
„Овој период се врши превентивно тековно одржување на возилата за да бидат во што подобра кондиција кога би настанале пожарите на отворено. Нив ги потенцираме заради тоа што покриваме голема површина, станува збор за две општини. Возилата се во добра кондиција… Моментално сме 34 постојано вработени и 10 преку привремени вработувања… Досега имаме околу 350 пожари вкупно“, посочува Виктор Стојчески, заменик-командир на ТППЕ Прилеп.
Согласно законските стандарди, бројот на пожарникари во Прилеп не е доволен за потребите на регионот што го покрива единицата, а кој опфаќа околу 75.000 жители и две општини. Сепак, локалната самоуправа уверува дека активно работи на подобрување на капацитетите, при што најавена е и набавка на две нови противпожарни возила преку донација, како и нови вработувања по добивање согласности од надлежните институции.





























