Прилепските гимназијалци со прекрасен настап на Франкофонскиот театарски фестивал во Сараево

За првпат, театарска претстава од државава, учествуваше на фестивалот на средношколски франкофонски театар кој по повод Денот на Европа, на 9 и 10 мај, се одржа во Мостар, Босна и Херцеговина. Меѓу 9 –те театарски групи од средни училишта од пет балкански држави, официјален претставник од нашата држава беше театарската група од Гимназијата “Мирче Ацев”.

Темата на фестивалот, кој имаше ревијален карактер беше „Европа ја слави културната и јазичната разновидност” во организација на Францускиот институт од Сараево со огранокот од градот Мостар раководен од Јасмина Звониќ.

Театарските претстави на учениците беа прикажувани во два дена. Првиот ден, петта по ред беше гимназиска претстава „Желбите на Демократија”, од швајцарската авторка Емануел Дел Пиан, една од претставите од “10 сур 10”, на Драмедукасион – Интенационалниот центар за Франкофонски театар во Полска.

Десетте прилепски гимназијалци имаа успешен настап за кој добија честитки и дипломи од францускиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Гијом Русон.

Театарската група ја сочинуваа: Марија Ацеска, Димитар Шопески, Веселина Јованоска, Наум Ѓорѓиески, Лилјана Јованоска, Николче Јакимоски, Ненад Смилески, Андријана Лимбевска, Тамара Тасеска и Ведрана Петреска. Ментор беше професорката по француски јазик Мирјана Бошковска, како режисер и раководител на проектот.

Во подготовката и реализацијата на претставата беа вклучени професорот по историја Николче Богданоски, кој е автор на музиката, одговорен за сценографијата, дизајнот на светлото и организациско-техничките подготовки и проф. Александар Џинго, одговорен за шминката, костимографијата и сценографијата.

Сите фази на подготовката и реализацијата на претставата беа поддржани од директорот на Гимназијата, Димче Настоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.