Прилепската болница продолжува да го зајакнува тимот – Д-р Кире Стојаноски е нов специјалист во Одделението за психијатрија

Одделението за психијатрија при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп го зајакна својот стручен кадар со ангажирањето на д-р Кире Стојаноски, специјалист по психијатрија со повеќе од десетгодишно професионално искуство.

Д-р Стојаноски доаѓа од ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, каде во изминатите години активно работел во областа на психијатриската здравствена заштита и третманот на пациенти со различни психички нарушувања.

Со неговото приклучување, тимот на Одделението за психијатрија во прилепската болница сега брои пет доктори специјалисти по психијатрија и еден специјализант, кој во наредниот период повторно ќе се врати и ќе биде дел од тимот.

Од болницата информираат дека континуирано се работи на подобрување на здравствените услуги и јакнење на кадровските капацитети, со цел пациентите да добијат навремена, достапна и квалитетна здравствена грижа.

На Одделението за психијатрија секојдневно се обезбедуваат дежурства и амбулантски прегледи преку системот „Мој термин“, овозможувајќи им на пациентите полесен пристап до специјалистички услуги.

Од здравствената установа му посакаа добредојде на д-р Стојаноски, со желби за успешна работа, професионални достигнувања и плодна соработка со колегите и пациентите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.