Прекрасно! Кога се сака, се може и под маски: Еве како се подготвуваше балетот “Болеро” (Видео)

Ретко се создава нешто интересно, невообичаено и убаво во Македонија, а уште поретко поврзано со балетот, а најретко во услови на пандемија.

Во продолжение можете да погледнете документарен запис, кој ја доловува вредноста и тежината, на еден од многу аспекти историски потфат – во едно време-невреме успешно се постави балетското дело „Болеро“, во продукција на македонската „Национална опера и балет“, чија што премиера се одржа во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Дело, за прв пат поставено пред 30 години од кореографот Олга Милосављева, а сега препородено како омаж за неа и сите балетски уметници кои своевремено несебично давале се’ од себе да ја издигнат балетската уметност во Македонија.

Со оглед на фактот што културата, а особено балетот, се тешко погодени од глобалната пандемија, создавањето на едно вакво уметничко дело беше уште поголем предизвик.

Дванаесет балерини од ансамблот при НОБ предводени од кореографот Саша Ефтимова, строго придржувајќи се до Ковид-19 протоколите вежбаа и танцуваа постојано со маски во едни од најтоплите летни денови, доловени се и документирани од Александар Томовски во серија фотографии (Instagram @tomovski.photography) како и во овој видео запис кој го пренесува целиот процес на подготовки, труд, посветеност и ентузијазам вложен во изведување на танцови движења кои бликаат со емоции за надеж, пребродување, нови почетоци, подобро утре..

Видео, што само по себе е уникатен ентузијастички потфат и во прво лице раскажува неколку напоредни приказни кои даваат поглед во еден скриен свет на создавање уметност зад кулисите.

Учесници од балетскиот ансамбл:

Ангела Богатинова, Медина Јусуфовиќ, Христина Накевска, Илијана Данилов, Ангела Велевска, Мила Ниновска, Бојана Христовска, Ивана Димкоска,Мартина Димовска, Меланија Гоцевска, Андријана Богатиноска, Симона Митовска.

Погледнете:




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.