Правда за Македонија! Правда за секој човек!

Пишува: Македонец од Македонија

Што да се каже? Дали душата има збор или крик да испушти, та да ни ја слушнат болката? Живи избришани. Глас имаме, неми останавме. Како скаменети пред својот џелат, наведнавме глава, да ни ја сечат. Џелатот го спушти сечилото. Само крвта остана белег дека тука било извршено егзекутирање. Дури и во смртта главата и телото постоеја, а не постоеја, исто како и додека биле живи македонците.

Историјата, таа учителка на сегашноста и иднината, не познава вакви предавства како што на Македонија и се случија, од своите, меѓу своите. Како обземен, народот претворен во зомби ја гледаше својата небиднина и непостоење. Сето тоа во името за поголема цел, рекоа за Европска Унија и Нато. Но, кога човек ќе испушти душа, кога ќе го исклучиш од апарати на болнички кревет, чуму му е ЕУ и Нато.

Со кои сили ќе се бори за Нато и чиви деца ќе праќа да војуваат и гинат за туѓи интереси? Со кои сили ќе учи и живее според ЕУ стандарди, кога свесноста за своето постоење го изгубил?

Глумиме живи сме, а веќе умрени.

Се движиме преку ден игнорирајќи ја реалноста, глумејќи дека сме напредни и современи, во време кога мувлата ни навлегла по ќошињата на куќите и институциите. Едни се про-ЕУ бидејќи глумат современо „граџанство“, другите со грутка во душата знаејќи ја вистината за своето небитисување. А таму во Европа, таа прекрасна раскошна убавица, со богатството на различните држави, ја негува посебноста на секоја своја различност, од французи, до германци, до бугари, до италијанци, до шпанци и многу други. Само ние, ете ние безимените итаме да им се придружиме, така обезличени, како неидентификувани објекти во едно семејство на строго идентификувани различности.

Сите со своето Име и своето Достоинство, само ние без ништо освен празна душа и желба за ефтина реалност.

А ефтината определба не ни е непозната. Таа е насекаде околу нас катаден. Па можеби и затоа толку лесно од рака им беше да не обезличат. Само видете какви луѓе се пример во нашето општество: криминалци, неморални, полтрони, неуки, манипулатори, општото беззаконие и безличност ни е репер за успех во животот.

Но, не се тие криви. Не е крив овој премиер за својата подпросечност и глупост, како и спремност све да продаде дури и светото за пари и интерес, не е крив Димитров Никола што луксузно си живее со години секако со неизбежното вечерно увлекување на девојките на шанк, додека ние му плаќаме за стипендиите на ќерка му, функциите, патувањата, луксуз и слава, еве сиве години од време на Вмро Дпмне па и сега за време на Сдс, не е крив министер кој чиниш професор од Правен факултет, а пазар го направи правото во Државава, не е крива Радмила за Прада и луксуз марки цел живот од џебот на граѓаните, не е крив Васиљ кој од твитерџија стана владин службеник за чорба за 50-девче, не е крив Миле што го ставиле портпарол на Влада, не е крив Стево за кого народот е стока, а пак стана претседател, не се криви ни терористите кои сега ни се во влада и ни глумат висока етика и морал, нити терористите кои го гушкаа Стево пред избори, оние од ужасните убиства кои ни се случуваа низ годиниве во Македонија. Криви сме НИЕ што сето тоа им го дозволивме!

И немојте ве молам да почнете вината на друг да ја фрлате, па да се расфрлате со обвинувања како Вмро Дпмне не’ повикало, како не’ одбранило. А што и кое право го има Партијата за моето право на постоење и живеење? Таа треба да биде таа која мене ќе ме слуша како граѓанин, јас ја гласам или не ја гласам. Таа, да, има вина што не излезе на улица со народот и меѓу народот, но тоа не значи дека мојата вашата борба требаше да застане.

Видете ги французите. Од тука да ве прашам, каде бевте вие, да, ти македонецу, вечерта кога во Собранието се менуваше Уставот на најсрамен начин во историјата на Европа?

Колку беа излезени пред Собрание?

Зарем партија треба да го брани нашето право на постоење и идентификување?

Зарем партија да го брани моето достоинство?!

НИЕ сме криви!

Репер ни станаа предавници како Крсто од Вевчани, Сашо и Љубен од Охрид, Нола од Струга, Елизабета од Камчевци, Александрова, Авирович, Зекири.

Нивните деца безгрижно шетаат низ светот и патуваат на монденски места, уживаат во благодетите на убавиот живот без грижа и мака за пари. И баш им е гајле!

Еден ден овие ќе бидат воспеани во песните и запишани во историјата предавничка, но џабе. И денес многу поколенија на предавниците од историјата на Македонија се на врвни позиции и уживаат во бенефитите од предавствата на своите предци. НИЕ сме криви!

Ние сме тие кои не го заслужуваме славното минато, бидејќи со својот пример не покажуваме дека сме македонци.

Време е да се разбуди македонецот во нас, сега, бидејќи утре ќе биде доцна. Доста е поделби. Доста е заведување на народот на поединци за лични профити. Еден за сите, сите за еден!

Гоце рекол: „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија
на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата – или ќе водиме говеда на касапница.“

Професорката Сиљановска ни порача: „Мислам дека веќе е јасно дека доаѓа крајот на политичките глумци на Балканот, особено на Западен Балкан, на импровизаторите, на оние кои глумат демократија и демократски реформи. Тоа е веќе прочитано и јасно. Очигледно е дека оние кои ја креирале длабоката криза на демократијата, сигурно дека не можат да бидат реформатори. Тука се наоѓаме дека е потребен радикален пресврт, зошто нема каде понатаму да се оди.

Што значи тој радикален пресврт?

Тоа значи поинаков ков на политички лидери, поинаква политика, луѓе кои се спремни да го вложат своето знаење, луѓе кои се спремни на жртви, луѓе кои се докажани во своите струки во рамките на државите на Европската Унија, што значи луѓе без фрустрации, почитувани… посветеноста на владеењето на правото и на моралните вредности.“

Европа значи владеење на правото, демократијата и човековите права, ова е запишано во сите европски документи. Европа не е она што ве лажат минливи домашни и странски политичари.

“Во жртвата нема степен, таа завршува со чест и со име” велеше великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Неговото дело, е аманет и наш завет. А Македонија е жива се додека неговата идеја е наша кауза. Тој се бореше за слобода на Македонија, денес нашата борба е за правда во Македонија. Неговата пркост и нашата почит кон таа визија и саможртва е жива и денес.

Да го оствариме сонот за Македонија!- ни порача Христијан Мицковски.

Од вас зависи, од нас зависи, дали ќе преживееме или за навек ќе се разнебитиме. Дали за навек ќе се иселиме по бел свет? Од нас, од вас, зависи каква иднина ќе оставите на своите деца, внуци и правнуци, достоинствена иднина или предавничка иднина?!

„Македонија е се што имаме!“




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.