Победа му врати на Осогово за трите последователни порази: Пyкна петарда на Могила

Попладнево на стадионот на Могилата во натпревар од последното есенско 14-тто коло на Втората лига-Исток фудбалерите на Победа го совладаа Осогово со 5-1, полувреме 3-1. Оваа трета победа воедно е и најубедливата за црвено-белите во овој есенски дел од шампионатот.

Малубројните љубители на фудбалот по студено и ветровито време видоа 6 голови и неколку неискористени шанси на домашниот состав. Победа во најголемиот дел на првиот дел не успеваше да креира некоја поголема опасност кон гостинскиот гол.

Императивот на самиот натпревар и значењето на бодовите создаде дополнителен притисок врз домашниот состав чии фудбалери играа на моменти брзоплето со доста технички грешки. По ударот со глава на Колевски крај голот во 13-тата минута, Митрески не искористи убава шанса од 7-8 метри. Набргу потоа студен туш за домаќините и малубројните гледачи.

Дунимаглоски загуби топка на центарот по што Осогово креира брз противнапад-искусниот Стојков одигра паралела на 5-ецот и го пронајде осамениот Стојменов на втората статива кој ја затресе мрежата на младиот домашен голман Столевски за 0-1.

Гостинското водство создаде дополнителен притисок кај Победа која беше исправена пред предизвикот да врати со брз гол. Гешоски се обиде откосо – биеше силно но и непрецизно крај голот. За среќа во 42-рата минута го видовме најубавиот момент на мечот за израмнување на резултатот на 1-1. Наумоски со евро-гол од 25 метри во самиот голмански агол го најави целосниот резултатски пресврт и фуриозниот финиш на домаќините.

Во 43-тата минута ја видовме најубавата акција на мечот. Комбинираа Наумоски и Митрески кој биеше гостинскиот голман кратко одби а на одбиената топка натрча и без проблеми во голот ја пласира Гешоски за водство на Победа од 2-1. Капитенот на Победа во 45-тата минута го постигна и 6-тиот овосезонски гол.

Од сопствената половина доби употреблива топка по страна од Митрески, по што Гешоски енергично тргна кон гостинскиот гол, влезе во 16-тникот и рутинирано пласираше покрај немоќниот Богдановски.

Вториот дел донесе многу подобра игра на црвено-белите. Убедливото водство од 3-1 од првиот дел влеа дополнителна самодоверба и придонесе да се одигра далеку помирно и без ризик. Победа доминираше на теренот, делуваше далеку посигурно што резултира со уште два гола во гостинската мрежа на Јошески во 62-та и Митрески во 91-ата за конечни 5-1.

Победа:Столевски, Д.Наумовски, Најдовски, Магловски, Колески, Дебрешлиоски (од 46 мин Вецески), Дунимаглоски (од 80 мин С.Спиркоски), Б.Наумоски, Јошески,Митрески и Гешоски(од 61 мин Ристески).

Резултати 14 коло: Победа-Осогово 5-1, Тиквеш- Брегалница 0-2, Беласица-Плачковица 4-2, Каменица Саса- Кожуф 3-1 и Кит Го-П.Гули 3-1.

Табела: Беласица 34, Брегалница 31, Кит-Го 30, Тиквеш 27, Кожуф 26, Каменица Саса 20, Плачковица 12, Победа 11, Осогово 6 и П.Гули 3 бодови.

Двојки за следно 15 коло (напролет): П.Гули-Победа, Осогово-Беласица, Тиквеш-Каменица Саса, Плачковица –Кожуф и Брегалница-Кит Го.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.