Ѓорѓи Гешоски има долгорочен план
– Сакам да го надминам Србинот Фрањо Михалиќ, кој беше во атлетиката до 86 година од животот
Спортска легенда е Ѓорѓи Гешоски. Се уште е тренер во атлетиката. Ги обучува младите членови на АК Стеваноски (доскорешниот АК Академик Џамбазовски, некогашниот АК Трети ноември). Ги тренира, учествува со нив на домашни и странски натпреварувања и продолжува со освојување медали. Ништо не би било толку чудно, ако не се знае дека тој има полни 82 години! Второто изненадување се крие во одговорот на прашањето: До кога вака?
– Планирам да бидам тренер до 100 години. Уште 18 години. Оти Фрањо Михалиќ беше тренер до 85-86 години. Тој е еден од најдобрите тренери на Србија, освојувач на сребрен медал на ОИ во Мелбурн 1956. Пред неколку години го видов на ТВ трчаше покрај атлетичариве и ги бодреше. Неодамна почина на 95 години. Сакам да го надминам. Моментно нема повозрасен тренер од мене во сите спортови. Нема ни со подолг стаж, бидејќи сум од 1960 година наваму – вели Гешоски.
Работи во најтешките услови. Во пролет, лето и рана есен го користи Спортскиот центар кај Градскиот базен, каде има импровизирана патека околу фудбалскиот терен. Во доцна есен и зима влегува во училишните простории. За трчање таму се користат училишните ходници. Така со години и децении. Не му е тешко.
– Ни малку не ми тешко. Напротив работата ми е задоволство. Ми го продолжува животот. На тренинзите само давам ум. Работи ги врши помошникот Миле Тренчески, поранешен атлетичар и македонски репрезентативец во фрлање ѓуле, сега вработен во Општината. Тој се согласи, а има други кои не сакаат ни да слушнат. Прашуваат колку пари даваат? Пари не даваат. Ама шеташ. Светот го шеташ. Досега имам потрошено 100 илјади евра со тоа што сум шетал. Околу 12-13 дена бев во Пекинг на ОИ. Во Минхен сум бил. Во Канада на Светско… Не сум бил во Русија.
Животниот пат на Гешоски е цела историја. Роден е во Беловодица, во семејство на интелектуалци. Мајка му била учителка на повеќе места, татко му надзорник за шумарство и рударство. Се преселиле во Плетвар и таму живееле до 1941 година, до доаѓањето на Бугарите. Биле бележани како Срби, според презимето на ,,-иќ”. Затоа морал да бега додека да се смири состојбата, а потоа се вратил и следела нова преселба во Прилеп.
– Учев во ,,Климент Охридски”, каде учителот беше Македонец, но не тераше да зборуваме бугарски. ,, Ас сам мало б* лгарче” итн. Учев и веронаука на македонски, оти ни предаваше Крсте Попот, татко на Петар Попоски, новинарот. Средно фискултурно завршив во Скопје и Земун, кај вујко ми. Некаде 1954 година се вработив во Скопје, во училиштата ,,Ѓуро Салај” и ,,Кирил Пејчиновиќ”.
Во тогашната ЈНА бил главен на спортот за цела дивизија. На Армиското првенство во Љубљана ги освојува речиси сите први места. Му бил понуден чин поручник, вработување и за сопругата и стан.
– Одбив, оти не ми се одеше од семејството, од другарите, од Прилеп. Се вработив во ,,Кире Гаврилоски”. Завршив и Виша школа за физичка култура во Скопје, како и Факултет во Сараево. Бев професор уште во Економско и во ,,Гоце Делчев” – ја кажува биографијата Гешоски.
Атлетиката му станува животна определба во средното фискултурно во Скопје. На крос патеката низ Гази Баба, во шумата освоил прво место. Поседувал природна кондиција. Како дете бил постојано во движење и трчање. Го нуделе тренери од клубовите исе определил да му биде тренер професорот Илиевски.
– Кај него тренирав две години, а потоа заминав во Земун кај Петар Шарчевиќ, балкански рекордер во фрлање ѓуле. Клубот беше Младост, поранешно Единство – вели 82 годишниот тренер.
Во 1960 година станал тренер во СД ,,Гоце Делчев” и после станал тренер. Тешко се обезбедувале пари. Се осамостојува во 1965 година на 3 ноември и затоа и името на клубот е АК ,,Трети ноември”. Најуспешен спортски клубов во градов со многу медали со претседателот Славе Богатиноски. Многу триумфи што е тешко да се избројат. Тука се успесите на Соња Мицеска, Славица Конеска, Чедомир Бачаноски, Жанета Гешоска, Теодора Кочоска. Негово дело се двете олимпијки – Даниела Кулеска во Сиднеј и Атина и Христина Ристеска во Лондон. Третата кандидатка е сегашната членка, 15-годишната Марго Бојаџиева.
– Очекуваме во 2020 во Токио да биде Марго. Можно е да се јави уште некоја кандидатка во државава, но сега – засега таа е потенцијален учесник – типува Гешоски.
Според него Марго е надеж.
-Дете е на татко прилепчанец и мајка Французинка. Тренира четири години со сестра í. Се бележи големата желба и брз напредок. Трудот дава резултати. Затоа се вели дека талентот придонесува со 10, а работата со 90 насто. Тренира како ретко која атлетичарка. Ја планирааат за 1500 и 3000 метри. На 5000 метри скоро ги победува, сите, и сениорките. На 6 мај на Скопскиот маратон се очекува да биде меѓу првите три од 8 илјади учесници – кажува Гешоски.
Можно е да се дојде до успех во атлетиката и без атлетска патека. За Гешоски тоа не е ништо ново. Така работи веќе 58 години. Нема изговор а многумина би се правдале. Го спомнува примерот со Србинката Вера Николиќ.
– Барем имаме некаква патека кај Спортскиот центар. Вера Николиќ немаше ни таква патека во Ќуприја, а беше светска шампионка и рекордерка. Трчаше покрај Морава. Иделе амеркикански тренери да í го гледаат тренингот скришум. Со неа одев на подготовки на разни места. Ги носев Соња Мицеска и Славица Конеска во југословенската репрезентација – со гордост зборува Гешоски.
Тој е и претседател кога клубот се преименува во АК Стеваноски.
– Три години бевме АК Џамбазовски, а отсега натаму АК Стеваноски. Благодарение на спонзорот Игор Стеваноски. Син му и ќерка му тренираат кај мене. Ни купи опрема за клубот вредна 1800 евра. Тренерки, дресови, патики, ранци… Пресреќни сме. Сега сме еден од најопремените клубови во Прилеп – задоволен е Гешоски.
Душа дава за овошје и зеленчук
– Од мал не думам за здравствени проблеми. Не знам инјекција што е. Освен вакцините во војска. Кај доктор одам да земам апчиња за притисок. Водам сметка за исхраната. Не јадам многу месишта, туку овошје и зеленчук. Цреши имам дома во изобилство – го кажува рецептот за долговечност Гешоски.
Секој ден на велосипед
– Автомобил никогаш не сум возел, а мотор само кратко. Имав сообраќајка кај Липа и бев в затвор шест месеци. Сфатив дека не ме бива за моторџија. Возам и правам муабет. Не бидува така. Затворот во Идризово беше строг – работа и ќотек невидени. Растоваравме цемент. Во 5 часот наутро не носеа некаде, а не враќаа во 10 вечерта. Оттогаш наваму зиме – лете возам само велосипед – вели Гешоски.
Против допинг
-На семинар во Загреб, се осврнаа на пишувањата на весниците дека жените рекордерки не ќе можат да раѓаат. Вера Николиќ стана и кажа дека има три деца, а една друга Тометиќ родила две. Се хранеле со природна исхрана – лешници, суво грозје, банани, а земале и стимулативни средства, но дозволени. Сега произведуваат нови. Коментаторка рече дека девојки во ташните, носат жилети за бричење, наместо кармин поради машките хормони.
Извор: “Неделник Зенит”