Петрески: “Со моите прилепчани ќе извојувам победа”

“Со моите прилепчани ќе извојувам победа. Нема да работам само 40 денови пред избори, туку секојдневно 4 години”. Вака го започна своето интервју Славе Петрески, кандидат за Градоначалник на Прилеп од коалицијата ЛДП и ДОМ.

-По природа сум човек што обединува, со либерални сфаќања и секогаш сум се трудел да ги разберам потребите и слободата во размислувањето на другите. Таа моја мисла водилка ја пронајдов како политичка парадигма во мојата партија ЛДП, од која секогаш сум ја добивал можноста да ги потенцирам моите ставови и размислувања, вели Петрески.

За себе вели дека е човек кој секогаш самиот со макотрпна работа успевал во животот.

-Моите сограѓани знаат дека во животот секогаш сум успевал сам со макотрпна работа и во многуте години стаж, само шест месеци сум бил на “терет” на државата како директор на ЈП за ПУП, сето друго време сум бил приватен стопанственик. Сум успеал на тоа поле, бидејќи никогаш не сум ги делел луѓето по ниту една основа…ни партиски, ни по вера или нација. За мене се сите луѓе исти и вреди да му се даде шанса на секого. Оваа моја карактерна особина ќе биде водилка и во кампањата, бидејќи е испробан рецепт за успех. Нема делби меѓу луѓето, сите сме различни, но и исти на некој начин, вели кандидатот за градоначалник на општина Прилеп од коалицијата ЛДП и ДОМ.

На прашањето кои се приоритетите доколу ја добиете довербата на прилепчани, Петрески беше конкретен и дециден:

– Имам одличен тим. Можеме да ветиме дека сите започнати проекти ќе ги завршиме и реализираме. Не сакаме да бидеме кочничари како некои. Ќе имаме и нови интересни проекти во интерес на прилепчани, а програмата ќе произлезе од активностите на терен и средбите со граѓаните. Тие се барометар за нивните потреби, а моја задача е потребите да ги преточам во проект, што ќе се реализира со определена динамика. Како што рекле стари: “Повеќе глави, поумно мислат”. И на крајот би сакал да апелирам за фер и коректна кампања, бидејќи тоа им го должиме на нашите сограѓани.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.