На денешен ден пред точно една година, Дејан Проданоски беше избран за градоначалник на Општина Прилеп. Граѓаните поверуваа во неговите предизборни ветувања за кои тогаш, исто како и денес, тврдевме дека се обична манипулација и список на желби на Проданоски и ДПМНЕ, а не изборна програма заснована на реални проекти – истакна на денешната прес конференција, претседателката на ОО СДСМ Прилеп, Петра Лукароска.
Прес конференцијата во целост за пренесуваме во продолжение:
• Уредување на речното корито, изградба на кејски ѕидови, пешачки патеки и поставување урбана опрема во должина од 4 и пол километри на Градска река;
• Враќање во функција на Универзална сала и сала „Македонија“ и изградба на нова спортска сала со 2.000 седишта на местото од „Соколана“;
• Изградба на спортско-рекреативен парк од 30.000 метри квадратни кај с.Волково и адреналински парк кај Старо Лагово, со скејт-парк, крос и картинг патеки;
• Реконструкција на улицата „Александар Македонски“ од раскрсницата „Чумовчани“, до село Ново Лагово;
• Изградба на обиколници „Исток“ и „Запад“;
• Комплетна реконструкција на театарот „Војдан Чернодрински“;
• Изградба на мост и пробивање на улицата „Победа“, како и кружен тек на мостот „Табана“;
• Нова детска градинка во населбата Рид;
• Изработка на нов Генерален урбанистички план и Детални урбанистички планови за делови од градот и населените места;
• Комплетно инфраструктурно уредување на нова населба „Градина“ на просторот на поранешните оранжерии;
• Изградба на кружни текови во населбата „Димо Наредникот“ и кај новата автобуска станица, како и нови катни гаражи;
• Изградба на трговски центар со забавен парк кај некогашната фабрика „Металец“
• Реконструкција и проширување на локалните патишта Тополчани-Канатларци, Мало Коњари-Кадино село, Бешиште-Полчиште.
Ова е само дел од големата и бесрамна изборна лага на Проданоски и ДПМНЕ. Огромни ветувања, никаква реализација.
Она коешто прилепчани го добија од новата општинска власт е продолжување на вртоглавиот пад и назадување на градот и населените места започнато од неговиот претходник, и тоа во секој сегмент од општественото живеење.
Нечист град потонат во темница, улици-ораници, јавни претпријатија заглавени во долгови, уништен спорт, затворен театар, загадена животна средина.
Добивме нетранспарентна локална власт, нефункционален општински Совет, незаинтересиран градоначалник за потребите и проблемите на граѓаните. Градоначалник неспособен да ги менаџира тековните обврски, кој ја манипулира јавноста, бега од советнички прашања но не и од прошетки по светот со општински пари.
Малку е да се каже дека граѓаните на општина Прилеп се разочарани од работењето, односно неработењето на градоначалникот Дејан Проданоски.
Едноставно речено, градоначалник кој располага со општински буџет „тежок“ 40 милиони евра, има обврска градот да го направи урбана средина со силна економија, развиен културно-општествен и спортски живот, општина во која младите луѓе ќе ја градат својата иднина.
Во овој момент Прилеп е далеку од сето тоа, најмногу по вина токму на Дејан Проданоски.
























