Откриена нова мермерна статуа на локалитетот „Стибера“

На античкиот локалитет Стибера кај Прилеп е пронајдена нова, мермерна статуа во природна големина која датира од 2 век од нашата ера. Министерката за култура Елизабета Канческа Милеска, Градоначалникот на Општина Прилеп Марјан Ристески, директорката на „Завод и Музеј“ Гордана Данаилоска Спиркоска и директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ денеска го посетија локалитетот и местото каде е пронајдена новата мермерна статуа која се смета за ексклузивен наод.
Според Гордана Данилоска Спироска, директор на „Завод и Музеј“ станува збор за мермерна статуа во природна големина, без глава, изработена со високостилизирани елементи.
Античкиот локалитет Стибера е најголемото наоѓалиште на антички мермерни статуи. Префинетата изработка на статуата во наметка со свиток во едната рака потврдува дека е посветена на некој значаен граѓанин на Стибера и е од вториот век од нашата ера.
Сега следува процесот на конзервација и чистење на статуата и најверојатно ќе биде изложена во археолошката поставка на прилепскиот музеј, изјави директорката Данилоска Спироска
Археолого, виш кустос, Душко Темелкоски истакна дека годинава на Стибера се изтражува на дел од градбите и се претпоставува дека станува збор за собранието на градот Стибера. Пронајдена е и камена плоча на која пишува дека Собранието на Стибера му дава полест на заслужен граѓанин на Стибера. Градбата е монумернтална, широка 17 метри. Се уште нема друга потврда за собранието, но статуата е репрезентативно откритие, вели Темелкоски.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милеска која го посети локалитетот Стибера смета дека пронаоѓањето на овој ексклузивен наод е потврда за неговата големина и значајност, а ова е ексклузивен наод.
Она што дополнително би следело би било да се расчистат имотно – правните односи со околните жители кои имаат ниви и своја земја на која се простира локалитетот. Идниот петок тие ќе имаат средба со прилепскиот градоначалник за договор да се изврши екпропријација или да им се дадат во замена други ниви за да може истражувањата на локалитетот Стибера да продолжат. Тоа ќе доведе до ексклузивно претставување на локалитетот пред туристите, изјави министерката Канческа Милеска.
Градоначалникот Марјан Рисески истакна дека ќе се сретне со сопствениците на ниви за да се разговара за екпрпријација на земјиштето под кој е локалитетот или за замена за други ниви. Ристески нагласи дека општина Прилеп зафаќа огормна територија со значајни и бројни локалитети, а од античкиот период најголем е Стибера. Ова ќе ја зголеми туристичката понуда на градот кој по Скопје и Охрид, според статистиките има најголем број посетители и туристи.
Министерката Канческа Милеска во„ Завод и Музеј“ говореше и на другите проекти на кои работи заводот. Во јули ќе биде објавен тендерот за обнова на опожарените конаци на манастирот Трескавец, во септември ќе биде готов источниот конак на манастирот Архангел Михаил во Варош, а се обновени конаците во манастирот Зрзе.
Инаку, античкиот град Стибера бил голем, датира од вториот век пред до 4 век од нашата ера. Досега на локалитетот се пронајдени повеќе мермерни статуи.
Во рамките на денешната посета на министерката за култура Елизабета Канческа Милеска официјално беше ставена во употреба сувенирницата од каде што туристите за време на посетата и престојот во Прилеп ќе можат да понесат спомен од градот под Марковите Кули.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.