Кулминира револтот на жителите од елитното прилепско село Ореовец и од неколку други околни села. Тие од денеска започнуваат со секојдневни блокади од 8 до 16 часот на главниот пат кон селото, кој е и пат до новите рудници на „Бехтел и Енка“ за ископ на градежен материјал за изградба на патиштата од Коридорите 8 и 10Д. Велат, на овој досегашен еко-предел, каде се наоѓаат и единствените четири природни градски изори на вода, му се заканува невиден екоцид, а и луксузните куќи и викендици веќе трпат штети од секојдневните минирања и силните детонации – oбјави “АЛФА ТВ”.
„Направија спореден, паралелен пат со нашиот пат, возат и по нашиот, и по нивниот пат. Ни го искршија патот…Немаат никакви дозволи. Си зеле некои приватни ниви под кирија на пет години, на десет. Втора работа, ни минираат на 200 метри од куќите наши. Концесијата им е земена на 20 години, а селото се развива. Значи, тие ни ја загрозуваат околината. Водата почнува да тече матна, животните, змиите од планината слегоа долу в село, бидејќи им го расчистија теренот и ја исекоа шумата“, – изјави Рубин Рујаноски, сопственик на куќа во с. Оревоец.
„Никакви работи во врска со изградба на пат не се отпочнати. Ние колку што знаеме ни експропријација на земјиште не е направена, а веќе се копаат нови рудници за тампон. Тампон можеме да им препорачаме да си земат на само километар одовде, од Рудникот „Сивец“, – кажа Ѓорѓи Ѓорѓиески, член на Комитетот за заштита на природното и културно наследство на Македонија.
Ореовчани поддршка добија и од градоначалникот Борче Јовчески.
Ова е втор протест на револтираните мештани кои уште пред десетина дена испратиле и писма до „Бехтел и Енка“ и до ЈПДП со барање ископувањата да престанат. Бидејќи одговор се’ уште не добиле, си ангажирале и адвокат со цел правдата да ја бараат на суд.
Од ЈПДП пак, уште минатата недела, одговарајќи на нашите прашања, се правдаа дека се’ било законски и дека ископите ќе продолжат се’ до завршувањето на изградбата на патиштата од двата коридори.
Каролина Дурло/ТВ АЛФА