Општина Прилеп ќе биде покровител и домаќин на државното првенство во шах за глуви и наглуви лица

_MG_9310

На 1 и 2 април Општина Прилеп ќе биде покровител и домаќин на државното првенство во шах за глуви и наглуви лица. Ова беше договорено на средбата помеѓу градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески и претставниците на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија кои ја посетија Општината. На првенството ќе учествуваат натпреварувачи од цела Македонија.

_MG_9301

 

„Ние како Сојуз имаме 18 здруженија на лица со оштетен слух во цела Македонија и сакавме да се договориме со градоначалникот на Прилеп во врска со одржувањето на државното првенство во шах за глуви лица. Прилепското здружение е локомотива во однос на играњето на шах бидејќи имаме многу шахисти од тука кои се натпреваруваат рамо до рамо со лицата кои немаат проблем со слухот, а имаме и еден шахист кој беше и првак во поранешна Југославија за глуви лица. Искажувам голема благодарност до градоначалникот Марјан Ристески за оваа негова поддршка“, истакна Васко Марков, претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија.

_MG_9306

Од локалната самоуправа на Прилеп истакнаа дека тие во последните 12 години имаат одлична соработка со Здружението за глуви и наглуви лица.

„Имаме одлична соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија, тие се доста активни, особено здружението од нашиот град, со кое што локалната самоуправа овие 12 години има одлична соработка. Поддржуваме и сме присутни на голем број на настани и манифестации кои тие ги организираат во текот на годината, а еден од поголемите настани е државното првенство во шах за глуви и наглуви лица. Тоа првенство, на кое ќе учествуваат 36 учесници од цела Македонија, ќе биде под комплетно покровителство на Општина Прилеп, а тоа значи дека ние ќе го покриеме комплетно сместувањето на учесниците, ќе обезбедиме храна и секакви други услови потребни за одржување на првенството. Ова е доста интересен клуб има доста таленти во шах и оние кои ќе победат сигурно ќе одат на некој меѓународен натпревар“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_MG_9312

Инаку Здружението на глуви и наглуви од Прилеп лани во декември одбележа 50 години од своето постоење.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.