Општина Прилеп продолжува со финансиската поддршка на ФК „Победа“ и РК „Прилеп“

_MG_4250
На средбата со претседателите на двата најголеми и најпопуларни спортски клубови во Прилеп, ФК „Победа“ и РК „Прилеп“, со градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, беше истакнато дека локалната самоуправа, како нивен најголем спонзор, исто како и лани и во 2017 година продолжува со финансиската поддршка на овие два клуба. На средата беше потенцирана и големата благодарност до спонзорите од бизнис секторот кои учествуваат во поддршката на овие два клуба, за да се врати реномето на Прилеп како најфудбалски и најракометен град во Македонија.

„Нашата поддршка како локална самоуправа на овие два клуба, ќе биде како и минатата година, односно ФК „Победа“ ќе го поддржиме со 100.000 евра, а РК „Прилеп“ со 60.000 евра. Што значи вкупната инвестиција за овие два клуба изнесува околу 160.000 евра. Како што знаете РК „Прилеп“ започна од најниски рамки, па стигна до излез на меѓународна сцена. Оваа сезона се надевам дека повторно ќе учествуваме во плеј офот, а „Победа“ по пауза од 8 години повторно се врати во првата фудбалска лига. Оваа година наша цел ќе биде пред се стабилизирање на клубот во првата лига и негов опстанок таму, за да пооптимистички размислуваме во наредните сезони односно да атакуваме кон врвот на првата лига. Клубот е засега стабилен прикажа добри резултати, се надевам дека бодовното салдо ќе биде подобро во пролетната полусезона со добри зајакнувања и стратегија на тренерот и тимот. Сакам тука да потенцирам дека од почетокот на годинава од јануари во Македонија има нов закон за спорт кој е доста позитивен за компаниите од градот и пошироко, со кој ќе бидат ослободени од данок на добивка доколку тие ги поддржат спортските клубови. Ослободувањето од данокот на добивка за фудбалски екипи е во висина од 50%, а за ракометните клубови е 40%. Тоа е доста позитивна работа и еден голем поттик да што е можно повеќе компании влезат во поддршка на овие два клуба и воопшто во спортот“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Инаку ФК „Победа“ од вчера била во Охрид каде започнале со тактичко-техничкиот дел од припремите. Во изминативе 10-тина дена подготовките ги изведувале во Прилеп. Во Охрид било планирано да одиграат 7 до 8 пријателски натпревари и 2 во Прилеп. Последните пак завршни натпревари ќе им биле на турнирот „Вуко Каров“ во Кавадарци.

_MG_4265

„Значи во овој период вкупно ќе одиграме 19 пријателски натпревари со кои што мислам дека тренерот Зоран Штерјоски ќе ја вкомпонира екипата. И дека ќе направи да биде конкурентна во вториот дел од првенството. Инаку ФК „Победа“ во 2016 имаше доста успешна приказна. Лани во јануари бевме на 7-то место во втората лига и со некои засилувања на фудбалери и со засилување на спонзорите на клубот успеавме да направиме конкурентен тим и да го освоиме првото место во втората лига и да избориме влез во првата лига. Морам да ги напоменам спонзорите, тука : најголем спонзор е локалната самоуправа, „Прилепска пиварница“, „Комфи Ангел“, „Витаминка“, Мермерниот комбинат“ и „Жито Прилеп“. Со овие спонзори се обезбеди добар буџет со кој се влезе во прва лига, а оваа година си поставивме за цел да опстанеме во лигата, како нови прволигаши, и да направиме добар тим за наредните 2 сезони. Донесовме 5 засилувања, имаме уште 3 играчи кои се на проба и треба да избереме помеѓу нив. Потпишавме договор со еден бразилец центарфор, 2 крилни полушпица оd Србија и двајца Македонци. Како што кажав во моментов имаме двајца Бразилци на проба и ќе видиме овие неколку денови кој од нив ќе остане во тимот. Овие 7-8 пријателски натпревари ќе ги искористиме за тоа да видиме до каде сме“, потенцираше Гоце Ингилизов, претседател на ФК „Победа“.

Од РК „Прилеп“ рекоа дека во 2016 година Прилеп имал еден голем успех во играњето на ЕХФ купот, но за нивна лоша несреќа добиле клуб со повисоки размери од нашиот и го изгубиле натпреварот.

„Екипата во 2016 година заврши на 5-тото место со 20 освоени бода, и се надеваме дека во пролетниот дел на сезоната ќе ги надокнадиме тие изгубени бодови и дека ќе бидеме во плеј офот. Клубот го напуштија тројца играчи и тренерот Томче Петрески, но значително се подмладивме од младинските погони од каде доаѓаат 6 до 7 играчи. Подготовките ќе бидат тука во Прилеп, нема да излегуваме надвор“, рече Александар Мариновски, претседател на РК „Прилеп“.

Од општина Прилеп исто така потенцираа дека веќе од буџетот на општината биле одделени десетици милиони денари за изградба на најкапиталниот објект за спортот во Прилеп, а тоа бил градскиот стадион „Гоце Делчев“.

„Веќе проектите се при крај, тендерот ќе биде наредната недела и после изборот на фирмата веднаш се започнува со изградба на стадионот. Тоа значи реконструкција на трибините, покривање на трибините, реконструкција на соблекувалните, изградба на ВИП ложи. Вкупната инвестиција ќе биде над 1.5 милиони евра, од кои 750.000 евра се обезбедени како донација од УЕФА преку ФФМ. И да напоменам дека покрај трибините ќе се работи на нов терен и дренажа и поставување на рефлектори. Комплетното завршување на стадионот треба да биде во оваа 2017 година по договорот кој го имаме со ФФМ и УЕФА. Во иднина ќе се формира и едно Јавно претпријатие кое ќе се грижи за тој стадион. Исто така во иднина ќе се прават напори да и РК „Прилеп“ добие својата спортска сала. Ќе видиме дали тоа ќе биде превземање на спортската сала од Тутунскиот комбинат или она што беше ветено од Владата за реконструкција на сала „Македонија“, додаде Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Инаку во изминатиов период имаше големи инвестиции во спортската инфраструктура во Прилеп. Се изградија 4 нови спортски сали, 3 нови стадиони и тоа стадионот со вештачка трева кај Типските куќи, кај Могилата и во н.м. Тополчани. Моментално се работи на стадионот во н.м. Алинци и н.м. Канатларци, а ќе се продолжи со реконструкција и на стадионот во н.м. Големо Коњари. Голем дел од овие стадиони ќе бидат осветлени и за одигрување на ноќни натпревари. Со реконструкцијата пак на стадионот „Металец“ се планирало таму да се создаде добар тренинг камп каде што во иднина тренинзите ќе се изведуваат таму, за да не се оштетува теренот на градскиот стадион.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.