Одбележување на Денот на државноста на Хрватска викендов во Битола

По повод Денот на државноста на Република Хрватска, во петок на 5. јуни 2026 година, во Културно-информативниот центар (Офицерски дом) во Битола ќе се одржи свечен настан во организација на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола.

Програмата ќе понуди богата уметничка содржина. Препознатливиот далматински мелос, во Битола ќе го пренесе далматинската клапа „Цетињани“ – здружение клапа Хрваце од Хрватска, а како специјални гости ќе настапат учениците од Државното музичко училиште – Битола со дел од операта “Љубовен напиток“ на Г. Доницети.

Веќе во сабота на 06.06, во рамките на одбележувањетто на Денот на државноста на Хрватска, во Центарот за култура гостува театарот од Сињ, Хрватска со комедијата „Вај – Фај”.

Претставата е работена по текст на Мирољуб Недовиќ, а под режисерската палка на Жељко Вицулин.

Денот на државноста на Хрватска е еден од најзначајните за хрватската понова историја. Во текот на изминатите години Хрватскиот културен центар од Битола, воспостави соработка со сите релевантни институции од Македонија и Хрватска, беше иницијатор на неколку збратимувања со општини и КУД-ови. Неодамна гостуваа во Сплит, како дел од меѓународната конференција „Современи пристапи во обликувањето на библиотечните простори за деца и млади“, во рамките на која се потпишаа Меморандуми на соработка со Градската библиотека „Марко Марулиќ“ од Сплит, Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ и Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Одбележувањето на Денот на државноста на Хрватска во Битола е организирано во соработка со Културно-информативниот центар Битола, Општина Битола, Центарот за култура, Државното музичко училиште, Сплитско Далматинскиот округ и Централната канцеларија за Хрватите кои живеат надвор од Република Хрватска.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.