На кого му пречат историските резултати на велосипедистите од В.К. “Илинден” од Прилеп?

Во година во која за прилепскиот велосипедски клуб “ИЛИНДЕН” се известуваше само за победи, а велосипедистите од Прилеп победуваа и на домашна и на меѓународна сцена, минатата седмица се случи нешто што на нозе ја крена целата јавност. Имено, после објавата на претседателот на клубот Драган Димитријоски дека Велосипедската федерација на Македонија одлучила да не настапат на трката “Низ Војводина“, група на граѓани и бизнисмени од Прилеп, самоиницијативно преку социјалните мрежи се организираа и речиси веднаш ги собраа потребните средства за настап на В.К. ИЛИНДЕН на трката во Војводина, на кој настап сега знаеме дека постигнаа одлични резултати. Гест кој ги развесели прилепчани, вест која се споделуваше насекаде, но истовремено го зголеми бесот кон раководството на федерацијата. За подетални информации што точно се случувало разговаравме со претседателот на клубот Драган Димитријоски.

Поради интересот на јавноста и за нејзино подобро информирање би сакале да ве прашаме, што всушност се случи?

-Хајката против Илинден трае подолг период, само што јас јавно проговорив за последната случка, која мислам дека ги помина границите. Фокусирани бевме на натпреварите и формата и не сакав некои нечесни работи негативно да влијаат на децата. Најпрвин на собрание на федерација во зимскиот период, без причина и образложение бев сменет од управен одбор, одлука која и не ми пречеше бидејќи мислам дека функците треба да се менливи, меѓутоа непријатно ме изненади. Потоа имаше една контроверзна одлука која јасно влијаеше само на В.К. ИЛИНДЕН. Имено, после првата одржана трка во Охрид, кога стана јасно дека ние како клуб ќе бидиме високо рангирани на ранг листа, управниот одбор го смени начинот на рангирање на клубовите, тој начин јас го паметам од 1992 година, а сигурно е и пред тоа. Одлуката на управниот одбор е преседан сама по себе, на веќе започната сезона се менува рангирање.

Што значи тоа, и дали тоа резултираше со одлука да не се оди во Војводина на трка?

-Само по себе не, но после тие два негативни моменти, следуваа и други, што само ми ја потврдуваше констатацијата за нечесната игра. Имено, непосредно пред одлуката за Војводина имаше и друга, поголема работа, за која нема во оваа прилика да зборувам јавно, бидеќи уште не ја знаеме конечната разрешница. Само ќе споменам дека има обид двајцата најдобри велосипедисти на ИЛИНДЕН да не земаат стипендија, и со тоа директно да се делува демотивирачки на нив. Одлуката за не одење во Војводина беше “гром од ведро небо“. Јас сум селектор на кадетска репрезентација на Македонија, а за тркава знаев повеќе од месец и патувањето таму го планиравме подолго. Исто така и ја темпиравме формата за трката. Периодот пред состанокот на управниот одбор јас бев во секојдневна комуникација со претседателот на федерацијата, и беше запознат со сите детали – состав на репрезентација, резервирање хотел и други работи потребни за одење на трка. Беше побарано да испратам писмо до управен одбор како селектор, го испочитував и тоа и испратив известување, а на состанокот се донесе таа “чудна“ одлука да речам, која впрочем до мене не е официјално дојдена во која се измислуваат причини. Како бивш спортист, а сега веќе долгогодишен спортски работник, таква одлука ми беше неприфатлива поради натпреварувачите и нивната форма. Да споменам дека викенд пред тоа бевме како клуб на трка во Белград, каде имавме два пласмани во први три. Причините за ваква одлука немаше, освен од неспортска, или лична природа на поединци.

Знаеме дека прилепските компании и поединци ве поддржаа во намерата да учествувате во трката во Војводина. Кажете ни како дојде до тоа?

-Морам јавно да се заблагодарам на бизнис секторот и поединици кои направија нешто што долго ќе се памети. По инцијатива на сосптвеникот и долгогодишен пријател на велосипедскиот и спортот воопшто, Кирил Јандреоски од Пекара “Маја”, кој го сподели мојот статус на ФБ со апел да се соберат средства за наше учество во Војводина, речиси експресно се собраа потребните средства, а помош се нудеше и потоа. Огромна Благодарност до: Кирил Јандреоски- Пекара “МАЈА”, Кире Котески – “Сити ТОБАКО Центар”, Катерина Батаклиева – “Оптика ОПТИЛ” и Артур Пирганоски – пријател на В.К. Илинден од Америка. Се надевам дека во иднина нема ова да се повтори, дека нема да се носат одлуки кои не се во интерес на спортот, кои негативно влијаат на натпреварувачите, демотивациски во секој случај, и дека ќе не остават да си ја работиме работата, а не да “гасиме пожари“ кој некој упорно намерно, ги подметнува.

Во прилог резултатите од трката во Војводина, на која како што спомeна Димитријоски се натпреварувале со велосипедски клубови “џинови“ од регионот, со кои во минатото било незамисливо за се издржи заедно да се дојде до целта, не пак да се качат на пиедестал.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.