На денешен ден пред 3 години Илија Јованоски доби мандат да го води Прилеп: Дојде ли живот за сите, или градот се врати назад? (Анализа)

Денеска се навршуваат 3 години од промената на локалната власт во Прилеп и стапувањето на функција на градоначалникот од СДСМ, Илија Јованоски.

Јованоски на 15 октомври 2017 година победи во првиот изборен круг и го победи Марјан Ристески од ВМРО-ДПМНЕ кој три мандати беше прв човек на општината.

Локалната самоуправа Јованоски ја презеде со ветувањата за: 20% ПОНИСКИ СМЕТКИ ЗА ВОДА, ЦЕЛОСНА ГАСИФИКАЦИЈА НА ПРИЛЕП, ИЗГРАДБА НА ЗДРАВСТВЕНСПОРТСКО-РЕКРЕАТИВЕН ЦЕНТАР СО ПОКРИЕН БАЗЕН „МАКЕДОНИЈА”, ИЗГРАДБА НА ДВЕ НОВИ ГРАДИНКИ, ЕДНА ВО ГРАД ПРИЛЕП,А ДРУГА ВО Н.М. КАНАТЛАРЦИ, ИЗГРАДБА НА ДВЕ ОБИКОЛНИЦИ ОКОЛУ ПРИЛЕП, РЕНОВИРАЊЕ НА СОКОЛАНАТА, РЕКОНСТРУКЦИЈА НА СТАРАТА ГРАДСКА ЧАРШИЈА, ИЗГРАДБА НА НОВ ТЕАТАР, ИЗГРАДБА НА СПОРТСКО-РЕКРЕАТИВЕН ЦЕНТАР КАЈ ВЕШТАЧКОТО ЕЗЕРО, ИЗГРДБА НА 2 СПОРТСКИ УЧИЛИШНИ САЛИ, ГАСИФИКАЦИЈА НА УЧИЛИШТАТА И ГРАДИНКИТЕ, ЧИСТ ВОЗДУХ И ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА И.Т.Н.

1. Намалување на сметките за вода за 20%

Ова беше едно од главните ветувања на актуелниот градоначалник кое се испостави дека е најголема лага. Сметките за вода се зголемија за околу 60%, поради додавањето на ставката за прочистување на отпадни води и зголемувањето на ставката одведување на урбани отпадни води.

Со овие нови цени, за потрошени 15 метри кубни вода во месецот, сметката за вода изнесува 800 денари, за потрошени 25 метри кубни, прилепчани плаќаат 1345 денари, а за 30 кубни метри 1607 денари месечно.

2. Целосна гасификација на Прилеп

Од гасификацијата на Прилеп досега е формирано само Јавно претпријатие за гасификација, гасоводот кој го започна претходната Влада е стигнат до Прилеп, но досега ништо не е направено во однос на секундарната и терциерната гасоводна мрежа.

3. Изградба на две обиколници околу Прилеп

Јованоски ветуваше изградба на патен правец што ќе го поврзува вештачкото езеро и патниот правец Прилеп-Градско, како и обиколница на патниот правец Прилеп-Македонски Брод со патниот правец Прилеп – Старо Лагово (раскрсница со Битола).

Досега овие два проекти не се започнати.

4.Изградба на здравствено-рекреативен центар со покриен базен “Македонија”

Градоначалникот вети и изградба на здравствен спортско-рекреативен центар со покриен базен во спортската сала “Македонија”. Mинатата година Јованоски истакна дека проектот нема да се реализира на првичната локација, туку дека ќе се гради во населбата “Точила”. Oд предвидениот проект, засега има поставена само табла.

Еве како на почетокот беше предвиден проектот:

5. Изградба на две нови градинки

Во предизворната програма вети нова градинка во градот и во населеното место Канатларци. Градинката предвидено е да се гради во населбата “Toчила”, но како и затворениот базен сеуште не е започната. Во однос на проширувањето на капацитетите на градинките, оваа локална власт успеа да ја доврши градинката во ООУ “Рампо Левката”, која беше започната од претходната локална власт.

6. Изградба на нов театар

Проектот за нова зграда на театарот “Војдан Чернодрински” е долго ветување од сите власти досега, но оваа власт го презентираше како сигурна работа. Предвидено беше новата театарска зграда да се направи во еден дел од домот за култура “Марко Цепенков”, но освен “цртеж” за тоа како би изгледал, досега ништо друго не е направено на тој план.

7. Реконструкција на Старата градска чаршија

Во февруари градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, заедно со претставници на ЈП за ПУП и ЈКП „Водовод и канализација“, одржа неформална средба со сопствениците и закупците на дуќани во Старата чаршија и презентираа проект со кој се предвидува постојните травертински плочи да бидат заменети со гранитни плочи, сите жици и кабли од кабловските оператори да бидат сместени во подземни инсталации, фекалната канализација да биде комплетно реконструирана, а според проектот ќе се изградела и нова атмосферска канализација.

Јованоски тогаш истакна дека во зависност од временските услови, комплетната реконструкција ќе заврши за 75 до 90 дена. Оттогаш до денеска се нема преземено ниту еден чекор за реализација на овој проект.

8. Изградба на спортско рекреативен центар кај вештачкото езеро

Ветувањето во предизборната програма предвидуваше: зона за кампување, мал рибник, традиционален ресторан, мотел до 10 соби, терени за јавање, велосипедизам, трчање и пешачење, платформа за безбедно пливање, развој на веслачкиот спорт, скијање на вода, спортски терени за тенис, одбојка, кошарка и сл.).

Проектот пред неколку денови започна да се реализира, а истиот е финансиран од страна на Европската Унија и од
Владата на Република Македонија, преку Проектот за локална и регионална конкурентност. Според предвиденото, вкупната вредност на проектот треба да изнесува 50 милиони денари, или близу 850.000 евра.

Наместо изборното ветување, сега овој проект сега предвидува изградба на пристапна улица долга 35 метри, паркинг за дваесетина моторни возила, две пешачки патеки во должина од 750 метра, кошаркарско игралиште со два коша и со пинг понг маси, игралиште за одбојка, 3 летниковци, 20 клупи, простор за културни манифестации и осветлување. Нема конкретен рок кога треба да заврши изградбата.

9. Изградба на спортска сала во ООУ “Кире Гаврилоски”

Проектот сеуште не е започнат.

10. Чист воздух и здрава животна средина

Откако општината намести мерна станица на општинската зграда, беше забележано колку загаден воздух дишат прилепчани во зимскиот период. Концентрацијата на ПМ-10 честички во воздухот изнесуваше и по 200, 300, па и 400, 500 и повеќе микрограми на метар кубен.

Што друго ветуваше градоначалникот во предизборната програма погледнете во продолжение:

Од проектите кои оваа локална гарнитура ги претставува како успех издвојуваме:

Oпштината преку Јавното претпријатие за простороно и урбанистичко планирање набави 4 автобуси на метан за потребите на јавниот градски превоз за сума од близу 1 милион евра, или по 250.000 евра за автобус.

Проектот беше жестоко критикуван од опозицијата поради високата сума платена за автобусите, но и поради нерегуларности во тендерската документација.

Градоначалникот и раководните луѓе на општина Прилеп се фалат и со асфалтирањето на улици, па така на една трибина Јованоски истакна дека во Прилеп асфалтирале 24 километри улици.

Во населбата “Сточен пазар” oпштината пред година и пол започна со реализација на нов мост со првична вредност од 500.000 евра, а со анекси сумата подоцна беше и зголемена.

Во мај месец годинава градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, истакна дека мостот кај Сточен пазар ќе бил најголемиот и најубавиот мост.

Ветувањето беше дека мостот ќе се заврши за 3 месеци, но оттогаш граѓаните од оваа населба стравуваат од поплавувања, а сообраќајот е забранет.

Со секој поголем дожд се прави голем водостој на градската река, а потоа одново се работи градилиштето да се врати во нормала.

Во центарот на Прилеп со месеци се изведуваат градежни работи за реконструкција на дел од булеварот “Гоце Делчев”, проект кој чини близу 1 милион евра.

Беше предвидено проектот да заврши до крајот на летото.

Целата предизборна програма на СДСМ која го носеше називот “Живот во Прилеп за сите”, можете да ја погледнете на следниот линк: Programa-Prilep-WEB




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.