Може да биде cветcка атpaкциja: Kpaлcката гpoбница во близина на Прилеп кpие античка миcтика која моли за дpжавна гpижа (Фото галерија)

Монументалната Кралска гробница од македонски тип која датира од 4-от век п.н.е, а која за прв пат е откриена уште во 1936 година на археолошкиот локалитет „Павла Чука“, помеѓу прилепските села Бонче и Подмол, оставена е на забот на времето.

За тие што не знаат, Бонче е село во Општина Прилеп, во околината на градот Прилеп, сместено во преминот кој ги дели Селечка Планина и Дрен.

Недалеку од селото се наоѓа археолошкото наоѓалиште „Павла Чука”, каде досега се пронаоѓани голем број артефакти кои потекнуваат од 3 и 4 век пред нашата ера.

Во 2012 година таму беше пронајдена кралска гробница, каде според некои стручњаци бил погребан македонскиот крал Деметриј, кој владеел од 239 до 229 п.н.е.

Гробницата се наоѓа на неколку стотици метри од дупката во која, 2006 година биле откриени деловите од македонските штитови. Проширувајќи го просторот на истражувањата околу кралскиот дворец, археолозите откриле керамички фрагменти што датираат токму од времето на најголемата моќ на Пелагонското Кралство. Пронајдени се делови од висококвалитетни кантароси од црн фирнис, раноантичка луцерна (керамичка ламба) датирана во средината на IV век п.н.е. и делови од други предмети.

На месноста се откриени и други гробови, во кои се најдени монети од времето на Александар Македонски и други македонски владетели, како и римски бронзени монети.

За локалитетот кај Старо Бонче некои експерти сметаат дека тоа е античкиот град Пелагон, а сите се сложуваат дека локалитетот крие уште многу тајни.

Еве едно инспиративно видео кое со сигурност ќе ве натера да ја посетите кралската гробница и да уживате во недопрената природа.

Археолошкиот локалитет кај Бонче досега е истражуван неколку пати од 1936 година наваму. За жал локалитетот повеќепати е и ограбуван од диви копачи низ годините.

Потрага по градот Пелагонија

Научниците 165 години трагаат по раноантичкиот град Пелагонија, престолнината на пелагонските кралеви во IV век пред новата ера и главен град на Македонија Четврта од 168 до 148 година п.н.е. Кога римските воени единици го покориле во 168 година п.н.е., кралството Македонија било поделено на четири дела – мериди. Главните градови на првите три мериди биле Амфипол, Тесалоника (Солун) и Пела, кои денес се наоѓаат на територијата на Република Грција. Центарот на четвртата мерида е градот Пелагонија, по кој научниците се уште трагаат. Тое е значаен податок за едно од горномакедонските раноантички независни кралства, кои веќе во втората половина од IV и низ III век пред новата ера постепено се припоиле кон единственото кралство Македонија.

Централната комора на гробницата, била ограбена во доцната антика, ходникот бил раскопуван во 1912 година од француска армија, за во 1936 година археологот Никола Вулиќ повторно да ја откопа и нацрта. Гробницата низ годините го привлекувала интересот и на други археолози. Според искажувањето на Лилчиќ:

-Никој не ни сонуваше дека таа гробница е опкружена со еден периметрален ѕид од огромни камени блокови, монтирани во ѕидот. Небесната симболика на нејзиниот круг е нешто импресивно, покојниците одат на небото а кругот е небесната рамка. Претпоставуваме дека во неа бил погребан кралот на Пелагонците, можеби токму оној кој е споменат во натписот откриен во Атина, датиран во 365 година пр. н.е. Интересно што и при првото истражување на тој простор во 2005 година, таму откривме раноантичка керамика, што говореше дека тоа не е обично место, туку се работи за нешто посериозно, но и ѕид и контури на главен централен влез во акрополата. Една година подоцна се потврди дека акрополата е антички дворец на владетелот, околу кој на два километри се протега градот. Очекуваме во гробницата или во градот да се појави можеби и некоја плоча со натпис.

Камен од гробницата како градежен материјал е носен во селото Подмол, со што и практично било откриено и нејзиното постоење.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.