Мицкоски: “Ако се дрзнат да ви земат од платите, ВМРО-ДПМНЕ ќе ви ги врати по победата”

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес конференција упати и три пораки:

“Првата е до неспособните министри во владата на СДСМ, немојте да кревате паника, немојте да ја плашите администрацијата, затоа што ефектите од тој страв кој што вештачки и артифицијално го наметнувате дека ќе немало средства за плата на администрацијата, може да доведе до паника, а паниката може да предизвика несогледливи, негативни ефекти врз нашата македонска економија. Доколку вие не сте како карактери подготвени да се справите и да работите под притисок, напуштете ги местата и оставете им на луѓе кои што се подготвени да работат под притисок и знаат како да се справат со предизвиците.

Втората порака е кон администрацијата, сите оние кои што ве убедуваат дека урамниловката е решение, јас стојам пред вас и ви велам, не тоа не е решение. Се консултирав и со мојот стратешки соработник професорот Хозе Караско кој што предава на кралскиот универзитет во Мадрид Шпанија и споделивме искуства. Таков случај воопшто не постои, ниту во Европа, ниту во Светото. Но, сакам да бидам искрен како што впрочем секогаш сум бил искрен со вас, кратење мора да има, тоа кратење во месец март според нашите анализи ќе биде до 10проценти, а потоа од месец за месец ќе го анализираме и врз основа на тие анализи ќе носиме заклучоци и ќе предлагаме до владата. Но ве уверувам сето она кое денеска заеднички ќе го скратиме ќе ви биде во подобри времиња вратено. Верувајте затоа што ВМРО-ДПМНЕ, јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ имам единствена цел сите заеднички да ја победиме оваа пандемија, а потоа сите заеднички да ја победиме економската криза и да излеземе сите заедно сплотени и обединети како победници од целата работа.

Трета работа која што исто така сакам да ја упатам до пензионерите, а тоа е доколку се аплицира овој предлог кој што ВМРО-ДПМНЕ го предлага и тие 10 милијарди денари кои што беа предвидени да се слеат во вториот задолжителен приватен пензиски столб, се слеат во првиот задолжителен државен пензиски столб ќе има пензија за сите. Ќе има пензија навреме без доцнење и во времето на кризата.

-Конечно на крај сакам да упатам порака до бизнисот и сакам да упатам порака до владата. Ви ја подавам оваа рака за да седнеме и да разговараме. Едно е битката да се санираат последиците од пандемијата но и од економската криза, а онаа позначајната и поважната битка е како во услови на ваква пандемија и како во услови на ваква економска криза да го раздвижиме стопанството да може да создава производ, да може да создава додадена вредност за да ја одржиме економијата онолку колку што можеме за да веднаш после првиот ден откако ќе престане оваа криза и здравствена и финансиска го достигнеме максимумот и зошто да не и повеќе од тој максимум. Она што како ВМРО-ДПМНЕ во периодот планираме да го спроведеме подготвени сме навремено да ја информираме и јавноста но и оние самобендисани министри во владата на Македонија”, заклучи Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.