Милошоски: Димитров денеска ги понижи пратениците и јавноста – биографиите за новите амбасадори биле класифицирани информации

“Власта продолжува со грубо кршење на Деловникот на Собранието. Министерот за надворешни, Никола Димитров, денеска ги понижи пратениците во Собранието, но и новинарите и јавноста, со тоа што биографиите на амбасадорите Игор Џундев, Горан Стевчевски, Оливер Крлиу, Никола Колев, Абдулкадар Мемеди, Сузана Зеленковска, Екрем Ебиби, Рамадан Азифи, Крум Ефремов и Мира Крајачиќ кои ќе ја претставуваат Македонија во меѓународните организации во Виена, Австрија, Шпанија, Обединтетите Арапски Емирати, Словенија, Босна и Херцеговина, Германија, Украина и Шведка и нивните тези ги прогласи за класифицирани информации.

Никогаш не се случило во парламентарната историја во Македонија биографиите и тезите на амбасадорите да бидат класифицирани, а дел од пратениците и јавноста како даночни обврзници да бидат исклучени и да не знаат кого ќе го плаќаат и на кој начин ќе не претставуваат во светот.

Ова е понижување за Собранието, граѓаните и новинарите кои ја следат надворешната политика и бурно реагираа на ваквиот преседан на министерот Димитров и Талат Џафери.

Дополнително, седницата на Комисијата за надворешни работи со класифицирани материјали ја закажал Талат Џафери утрово во 9:30 за истата да се одржи во 11 часот. Дали е ова транспаретност и законитост ценете сами, праќаме амбасадори во светски центри со класифицирани биографии и тези. Ова е срамна порака и до земјите каде се испраќаат овие амбасадори. Дали со ова покажуваме дека праќаме несоодветни лица, дали е точно дека двајца од амбасадорите не ги исполнуваат сите законски услови за да бидат упатени, или пак имаме скриена дипломатија кон традиционалните сојузници како Германија, Шпанија, Австрија но и сите други земји?”, напиша Милошоски на Фејсбук.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.