Македонските храна и вино препознаени како квалитет, „Отворен Балкан“ помага за нивна промоција во регионот

Македонските храна и вино отсекогаш важеле за квалитетни во регионот, а светската криза за храна само го потврдија овој тренд. Се поголема е побарувачката за органски македонски земјоделски производи, но и млечки и месни производи, поради што продавачите од пазарите се преселија на социјалните мрежи.

Секој ден, се повеќе се бараат квалитетни земјоделски производи, а местото за нивно наоѓање наместо во маркетите, станаа социјалните мрежи. Овој начин на продажба значи дека купувачите добиваат производи со поголем квалитет, но и со пониска цена од таа во маркетите.

На манифестацијата „Незаменливиот вкус на традицијата“ во организација на Здружението за едукација на земјоделците „Зелена берза“ се претставија преку дваесеттина излагачи, локални земјоделци, производители на здрава храна и поддржувачи на македонската традиционална кујна. Таму локалните земјоделци кажаа дека за нивните производи немаат потреба од реклама, туку дека нивниот квалитет е доволен за да бидат распродадени.

Изминатите денови, македонската слоу-фуд кујна исто така беше презентирана и на саемот Тера Мадре Салон дел Густо во Торино, Италија. Штандот за македонска храна на саемот во Торино беше распространет на 100 метри квадратни разубавен со суви пиперки, лук и тутун.

Посетителите на саемот имаа можност да вкусат ајвар, органски мед, слатко со смокви, охридски комат, макало, домашно лепче, тавче гравче и слично, поради што токму македонскиот штанд беше најпосетуван.

Ваквата промоција на македонската храна само го зацврстува ставот во регионот и Европа за нејзиниот квалитет, но ништо не заостанува ни македонското вино.

Македонското вино беше претставено на меѓународниот саем за вино како дел од иницијативата „Отворен Балкан“ во Белград на почетокот на месецов. Таму учествуваа околу 400 излагачи и производители на вино од повеќе од 22 земји, а Северна Македонија, под мотото „Вкуси го животот“ ги претстави македонското вино и храна.

Овој саем овозможи да се продлабочи соработката на винопроизводителите и земјоделците од земјите од „Отворен Балкан“ со што ќе се овозможи и заеднички настап на „трети пазари“ , но и да се зголемат инвестициите во секторот.

Преку соработката низ иницијативата „Отворен Балкан“ ќе се овозможи македонските земјоделци и винопроизводители да ги извезуваат своите производи полесно на разни пазари, а ќе се зголеми и нивната продажба во земјите-членки на иницијативата – Албанија и Србија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.