Македонските „Тигри“ меѓу најдобрите на меѓународен снајперски натпревар во Турција

Снајперските тимови на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ остварија одличен резултат на меѓународниот натпревар во снајперско гаѓање „БОРАН 8“, кој се одржа во Турција, освојувајќи го деветтото место во силна конкуренција од 48 тимови од 22 држави.

Македонските специјалци се пласираа пред 39 екипи, потврдувајќи ја својата подготвеност и способност за рамноправно натпреварување со специјалните единици од целиот свет. Првите седум места им припаднаа на тимови од Турција, додека осмото место го освои екипа од Азербејџан.

Посебно забележителен резултат припадниците на „Тигар“ постигнаа во дисциплината пиштолско гаѓање, каде што освоија 2.098 поени, значително над просекот на натпреварувањето, кој изнесувал 1.173 поени.

Покрај спортскиот успех, македонските специјалци добија признание и за своето однесување, професионалност и спортски дух. Тие беа избрани меѓу трите најдобри тимови во категоријата „фер-плеј“, со што уште еднаш покажаа дека успехот се гради не само со знаење и вештини, туку и со почитување на противниците и спортските принципи.

Настапот на „Тигар“ на овој меѓународен натпревар претставува уште една потврда за квалитетот, обученоста и професионалноста на македонските специјалци на меѓународната сцена.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.