Лазаров: Во спортот секогаш треба да се верува во нешто невозможно

Ракометната репрезентација на Македонија ги остави зад себе подготовките и сега дојде пред првиот испит на Светското првенство и натпреварот со Норвешка. Европскиот ракометен гигант ќе биде вистински тест на силите на дополнително подмладената репрезентација.

Во пресрет на мечот, на утринскиот брифинг свое видување на ситуацијата и најава даде селекторот Кирил Лазаров. Предводникот на националниот тим на Македонија даде детална анализа на ситуацијата, противникот и целите на оваа репрезентација.

„Подготвени сме за ова СП. Уште во првиот натпревар играме со Норвешка, за која не треба да зборуваме која е и што е, играше во финалињата на Мундијалите во 2017 и 2019 година. Тие се дојдени да направат голем резултат, сакаат златен медал. Сметам дека во спортот секогаш треба да се верува во нешто невозможно. Ние сме во таква позиција, не можеме да загубиме ништо, а можеме да добиеме многу. Има доста конфузија дали ќе се штедиме, ама тоа нема да е така, ние ќе одиме од стартот максимално и ќе чекаме шанса да одиграме еден квалитетен натпревар.

Сакам да нагласам дека оваа репрезентација направи многу, за првпат победивме два баражи против квалитетни противници. Треба да се даде поддршка, и покрај сите скептици, успеавме да го задржиме континуиетот на големите собири. Успеавме без Кире, Жути или Столе да се пласираме на СП, а на чекор сме и до пласман на ЕП. Одиме чекор по чекор, резултатите можат да дојдат побргу или подоцна. Што и да се случи, мора само да одиме по нашиот пат. Сакам да нагласам дека тука имаме седум дебитанти. Сепак, имаме голема самодоверба и подтовени го очекуваме овој турнир. Имам јасен концепт и визија за денешниот натпревар. Ова е турнирски систем и ќе правиме ротации за различни противници со различен тип на играчи“, кажа Лазаров.

Натпреварот меѓу Норвешка и Македонија е закажан за вечерва во 20:30 часот. Дотогаш Лазаров ќе свика уште еден последен тренинг на кој ќе ги подели последните совети.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.