Во организација на Домот на култура „Наум Наумовски-Борче“ и Градската библиотека, во Крушево ќе се одржи настан посветен на наградување на највредните читатели и млади креативци од градот.
Како што информира градоначалникот Нико Чонески, на настанот ќе бидат доделени признанија за најмладиот, најстариот и најредовниот читател за 2025 година. Воедно, ќе се врачат благодарници во рамки на иницијативата „Млади библиотекари 2026“, како и дипломи за учесниците на литературниот конкурс по повод Светскиот ден на книгата и авторското право.
Благодарници ќе добијат и учесниците во драмската изведба „Сваќи“, како дел од поддршката за младите и нивната креативност.
Настанот ќе се одржи на 7 мај (четврток) со почеток во 14:00 часот, во Спомен собата на Васил Иљоски, во старото училиште во Крушево.
Од локалната самоуправа упатуваат покана до граѓаните да присуствуваат и да им дадат поддршка на младите, истакнувајќи дека токму тие се иднината и гордоста на градот.
























