Кривогаштани најавува ослободување на самохраните родители од партиципација за градинка и 10.000ден. за секое новороденче

Во Мултимедијалниот центар Кривогаштани денес се одржа настан по повод Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, под мотото „Мали чекори создаваат големи промени“.

Во своето обраќање, градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, ја нагласи важноста на соработката помеѓу институциите, невладиниот сектор и здруженијата на граѓани. Притоа, најави иницијативи за дополнителна поддршка на семејствата, со посебно внимание на самохраните родители и семејствата со новороденчиња.

Градоначалникот најави дека во следниот период ќе побара од Советот да се донесат одлуки за ослободување на самохраните родители од плаќање партиципација во детската градинка „Весело штркче“, во објектите во Кривогаштани и Обршани. Месечната партиципација сега изнесува 1.490 денари по дете, и е една од најниските во државата. Целта на иницијативата е да се намали финансискиот товар за овие родители и да им останат повеќе средства за другите потреби на нивните деца.

Воедно, за 2027 година беше најавено обезбедување повеќе средства во општинскиот буџет за еднократната помош за новороденчиња. Градоначалникот ќе побара од Советот да се зголемат сегашните износи. Помошта во моментот изнесува 6.000 денари за новороденче, а со посебна одлука е предвидена помош од 10.000 денари за новородено дете чија мајка е регистриран земјоделец.

Во освртот на реализираните активности, најпрво беше истакната соработката со Здружението „Центар за развој и едукација“ од Прилеп. Преку ова партнерство се обезбедуваат услугата „Помош и нега во домот“, бесплатни услуги од физиотерапевт и психолог, како и можност за логопедска поддршка. На располагање на жителите на општината е и Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење во Прилеп, а во тек се активности за воспоставување дневен центар за лица со попреченост со индивидуален третман, за подрачјето на Кривогаштани и Прилеп.

Преку проектот „ТРАНСАКТ“, во соработка со здружението, беа поделени и повеќе од 150 хуманитарни пакети со основни прехранбени производи и средства за хигиена за сограѓани во социјален ризик.

Во обраќањето беше нагласено дека поддршката треба да биде навремена и достапна, со почит кон достоинството на секој човек. Градоначалникот им се заблагодари на партнерските организации, установите, негувателите, стручните тимови, граѓаните и донаторите за нивниот придонес во помошта за луѓето на кои им е потребна.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.