Во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп денеска официјално беа промовирани нов дигитален рендген-апарат и современ видео ЕЕГ кабинет за деца, со што болницата прави значаен исчекор кон модернизација и целосна дигитализација на здравствените услуги.
На настанот симболично беше означен крајот на аналогната ера во радиодијагностиката. Последната аналогна рендген снимка во историјата на болницата ја направил директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, додека првата дигитална снимка на новиот апарат ја направил директорот на болницата, Кире Јоноски.
Новиот дигитален рендген-апарат е веќе имплементиран во постојната инфраструктура на радиолошкиот оддел, кој годишно изработува околу 30.000 снимки. Со ова, Одделот за радиодијагностика во Прилеп станува еден од првите целосно дигитализирани оддели надвор од скопските клиники.
Од болницата информираат дека станува збор за една од најголемите поединечни инвестиции во медицинска опрема во поновата историја на установата, реализирана целосно со сопствени средства. Процесот на набавка започнал пред речиси две години, веднаш по назначувањето на директорот Јоноски, кога модернизацијата на радиологијата била поставена меѓу приоритетите на менаџментот.
Опремата е набавена од италијанската компанија Villa Sistemi Medicali, со компоненти произведени во Соединетите Американски Држави. Новиот апарат овозможува и снимање на целиот ’рбет, што значително ќе ја подобри дијагностиката и квалитетот на услугите за пациентите.
Покрај новиот рендген, денеска официјално беше пуштен во употреба и нов видео ЕЕГ кабинет на Детското одделение, единствен од ваков тип надвор од Клиника за детски болести.
Видео ЕЕГ методата овозможува истовремено снимање на мозочната електрична активност и видео следење на движењата и однесувањето на детето, што е од особено значење за прецизна дијагностика на епилептични напади, разликување на епилептични и неепилептични состојби, како и следење на ефектите од терапијата.
Од болницата посочуваат дека новиот кабинет ќе биде од огромно значење не само за децата од Прилеп, туку и за пациентите од целиот Пелагониски регион и пошироко.
Со овие инвестиции, прилепската болница продолжува со процесот на модернизација и унапредување на здравствените услуги, со фокус на современа медицинска опрема, дигитализација и подобри услови за пациентите и медицинскиот персонал.






























