Интервју со Сара Сребренкоска oд Прилеп, учесник на “Школата за млади лидери”: “Претседателот Иванов е редок пример што своите познанства ги пренесува на успешни млади”

Сара Сребренкоска од Прилеп има дипломирано на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот Св.”Кирил и Методиj” во Скопје со просек 9,63, а магистерските студии ги завршила на Машинскиот факултет со просек 10.0. Во текот на студирањето има посетувано обуки во Белгија и Шпанија, научно истражувачки престој во Полска и учество на повеќе меѓународни конгреси. Исто така, Сара има испечатено повеќе од 20 трудови во областа во која истражува. Моментално е на докторски студии на Машинскиот факултет при Универзитетот Св. ,,Кирил и Методиј” во Скопје, на насоката Производно инженерство. Работи како асистент докторанд по група предмети на Машинскиот факултет при Универзитет ,,Гоце Делчев” во Штип. Во иднина се гледа како универзитетски професор со бројни учества на европски и домашни проекти, со што би дала придонес во науката и во областа во која што истражува.

Сара беше дел од “Школата за млади лидери” која секоја година ја организира Претседателот на Република Македонија, Д-р Ѓорге Иванов. Оваа година школата се одржа во Струга од 20 до 31 август, а со Сара разговаравме за нејзините впечатоци, стекнати знаења и искуства.

Какво искуство е ”Школата за млади лидери” на Претседателот Иванов за секој млад човек?

Школата за млади лидери на Претседателот Иванов претставува големо искуство за младите особено за оние кои сакаат да бидат успешни во своите кариери. Тоа е така од повеќе аспекти, од аспект на здобивање на широки знаења од темите предвидени во програмата на школата, од аспект на комуникација и создавање на мрежи од пријателства меѓу учесниците, здобивање на разни комуникациски и други вештини и секако зачувување и почитување на етичките вредности.

Кои предавачи ти оставија најдобар впечаток и дали “Школата за млади лидери” ги прошири твоите знаења, визија и погледи?

Секој предавач ми остави впечаток на посебен начин, бидејќи од секој имаше да се слушне искуство, начин на размислување, пристап кон постигнување на целта, развивање на идеи и слично. Тоа кај секој учесник иницираше желба и мотив за усовршување, унапредување и усвојување на нови знаења. Оваа школа ми беше од особено значење затоа што се здобив со знаења од области кои се различни од мојата област, а кои се придобивка за пред се мене, а секако и за средината во која што работам.

Кој е твојот впечаток за Претседателот на државата Ѓорге Иванов?

Преку организирањето на оваа школа Претседателот овозможува едуцирање на млади кадри и нивно мотивирање за поголема посветеност и творење, а со тоа и подобрување на условите во кои живееме. Претседателот Иванов е редок пример што своите познанства и контакти со врвни предавачи и лидери несебично ги пренесува и предава на успешни млади, а со тоа ги мотивира да бидат успешни лидери во својата област.

Им порачувам на сите млади кои досега успеале да постигнат добри резултати да не дозволат да застанат таму до каде што стигнале, секогаш да се стремат кон повеќе за да го достигнат врвот, да бидат успешни лидери во својата област, а притоа да си ги зачуваат етичките вредности.

Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.