Има посетено над 500 спортски натпревари ширум Европа: Интервју со најголемиот македонски тифоз и вљубеник во спортот (Фото галерија)

Во пресрет на Европското првенство во ракомет кое стартува во петок, направивме интервју со Наце Митев, Македонец од Струмица кој е еден од најголемите наши тифози. Во својот живот има посетено над 500 натпревари во фудбал, ракомет, хокеј…. Гледал голем број европски гиганти, а со цело срце навива за Барселона и РК Вардар. Ги разгледавме неговите фотографии на социјалните мрежи и единствено може да се каже дека овој човек е полн со љубов за спортот, но и за својата татковина која редовно ја промовира виорејќи го македонското знаме и сонцето од Кутлеш.

1. Наце на колку натпревари досега си присуствувал надвор од Македонија?

– Најпрво би ги поздравил вашите читатели, сите верни и страсни вљубеници во спортот. Бројката на проследени натпревари е голема и надминува над 500.

2. За кој клуб навиваш?

– За најдобрите ФК Барселона, често ги следам натпреварите во живо, и сум член на единствената официална пења на ФК Барселона во Македонија “ПБ Сис Копес Струмица“. Исто така омилен клуб ми е и РК ВАРДАР.

3. Кој натпревар од оние кои си ги гледал би го издвоил како највозбудлив?

– За мене секој еден натпревар без разлика од која лига е, претставува посебно доживување. Ги има повеќе, но еден со сигурност можам да издвојам, а тоа е полуфиналниот натпревар помегу РК Вардар и Барселона во Келн, кога РК Вардар се пласираше во финалето и потоа ја освои шампионската ЕХФ лига и по втор пат не израдува.

4. Чии навивачи според тебе се најжестоки и најпожртвувани за својот тим?

– Најжестоки и најпожртвувани без конкуренција можам да ги издвојам навивачите на Борусија Дортмунд или “жолтиот ѕид“, и заслужуваат голем респект. Но, во оваа конкуренција би ги додал и фановите на Унион Берлин, “U.N.V.E.U“.

5. На секој натпревар каде што одиш го развиоруваш македонското знаме, како и сонцето од Кутлеш. Што значи тоа за тебе?

– За мене како горд Македонец е огромна чест и задоволство, но на некој начин чувствувам и обврска да ја претставувам и промовирам Македонија, истакнувајќи го државното знаме, но и нашето национално знаме со сонцето од Кутлеш. И сакам да испратам порака на еден мирољубив начин “НЕ ИМАЛО, ЌЕ НЕ ИМА“, на некој начин потсеќање за сите оние кој сакат да ја уништат Македонија.

6. Си успеал ли досега да се запознаеш со некоја позната фудбалска ѕвезда или тренер?

-Тоа е предноста на големите натпревари, со повеќе светски имиња се имам сретнато. Меѓу кои тренерот на Ливерпул и актуелен европски шампион Јирген Клоп, најпосакуваниот дефанзивец на сите времиња Хавиер Занети од кој добив и автограм, светскиот шампион во Формула 1 Себастиан Фетел, од кого исто така добив автограм.

7. Што претставува фудбалот за тебе, какви чувства ти предизвикува присуството на стадионите?

– Фудбалот претставува една бесконечна дружба и пронаоѓање нови пријатели од различни земји, чувствата се неопишливи, кој будат емоци и големи дози на адреналин, со тоа што негативната енергија ја оставаме на стадионите и си заминуваме со полни батерии и нови спомени. За жал денес во време на еден тон негативни влијанија, ретко се доживуваат сите овие чувства на едно место и во исто време.

8. Што се планираш да проследиш во Новата 2020 година?

– Во 2020 планирам да продолжам најмалку со исто темпо, да ја започнам со Европското првенство во ракомет и да ги бодрам нашите ракометари во Виена, сите бундеслигашки натпревари на Хофенхаим и Франкфурт, бидејки имам сезонски карти, како и неколку натпревари на Маинц 05 и неколку натпревари на Барселона. Е сега тоа ми е голем проблем што на ист датум се поклопуват финалињата на Лигата на шампиони во фудбал и ракомет, па тешко е да се одлучам дали да патувам во Келн и да го бодрам РК Вардар, или да патувам во Истанбул и да ја гледам Барса. И се разбира ракометните бундеслигашки натпревари каде настапуваат голем број наши ракометари.

9. Освен фудбал дали има и други спортови кои редовно ги следиш?

– ДА. И тоа стално ги следев натпреварите на Рај Некар Ловен каде настапуваше нашиот Филип Талески, сега ги следам натпреварите на Лудвигсхафен и Мартин Томовски, Формула 1 кога се одржува во Германија, кога сум слободен и нема други спортски активности ги следам и натпреварите во хокеј на шампионот на Германија “Адлер Манхајм“, кога има во близина моторни спортови, сум присутен и на тие настани. Слеам и женски ракомет.

10. Од твоите фотографии може да се забележи дека имаш голема колекција на шалови и дресови. Колку парчиња имаш собрано досега?

– Со моите дресови и шалови сум и емотивно врзан. Ме враќаат назат во времето кога сум присуствувал на одреден натпревар, секој си е приказна сама за себе. Колекционер сум на шалови, а моментално мојата колекција брои 94 шала. Исто така колекционер сум и на Дресови ги имам повеке од 40 од кои неколку ми се поклон од спортистите.

-За крај им ја честитам Новата 2020 година на вашите читатели со желба за здравје, среќа и безброј убави мигови. Сакам да упатам апел до сите навивачи и спортски љубители “Спортот не трпи насилство“, разубавете го со фер навивање дури и кога губите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.