Изложба насловена како ,,За тебе љубов моја,, од Маријета Сидовски

pokana

Во петок 13 мај 2016 година во 20.00 часот во галеријата од ЦК,,Марко Цепенков,, ќе биде отворена изложба на слики ,,За тебе љубов моја,, од Маријета Сидовски. Уметницата ќе се претстави со дела изработени во комбинирана техника на харија (димензии 20x20) создадени 2014/2015 година.

1

Податоци за МАРИЈЕТА СИДОВСКИ

Родена е во Нови Сад, Србија во 1973. Дипломирала во 1998 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Македонија, во класата на проф. Душан Перчинков. Постдипломски студии завршува на Факултетот за применета уметност во Белград, србија, одсек за конзервација и реставрација на штафелајно сликарство под менторство на проф. Светислав Николиќ, во 2010. Во 2005 и 2010 година престојува во Париз и Бетон, Бретања, Франција; во 2005 престојува во Њујорк, САД; во 2005 учествува на V- ти Франкофонски игри во Ниамеи, Нигер, Африка. Од 2005 година работи во Музеј на современата уметност во Скопје, Македонија, како конзерватор. Остварила 35 самостојни представувања во земјава и странство. Учесник е на повеќе од 60 групни интернационални изложби и уметнички колонии во земјава и странство. Награди: 2004 Златна цигла, Галерија Подрум, Нови Сад, награда за најдобра изложба по мислење на публика 2008 Димитар Кондовски, награда за сликарство, ДЛУМ 2012 Вангел Коџоман, награда за сликарство мал формат.

2

Климе Коробар за творештвото на Сидовски

Минувањето по патиштата на уметноста претставува во суштина патешествие низ просторот и времето. Ова патување е секогаш возбудливо, затоа што притоа можете да сретнете интересни сопатници. Токму на ова свое патување патиштата на Мариета Сидовски ќе се вкрстат со Византија на Кондовски и белината на Петар Мазев. Интересно е кога на своето патување ќе успеете да загребете по стратиграфијата на културните слоеви за да создадете, понесени од нив, сопствен циклус со јасен личен ракопис. Самиот наслов на изложбата упатува дека таа претставува ода за Љубовта, слава за постоењето на емоциите и на апсолутната љубов. Помирувањето помеѓу душата и љубовта во овој циклус ни е понудено според катарзата од митската драма за Психа и Ерос, каде што на крајот желбата и свеста се помируваат и љубовта се интегрира во животот. Така, Љубовта станува Бог, кој обезбедува не само продолжение на видовите, туку и внатрешна кохезија на космосот. Бездруго е Бог, бидејќи настојува да ги изедначи различностите и да ги интегрира и конечно да подари единство. Во таа смисла симболот на љубовта е крстот, којшто во овој контекст претставува синтеза од хоризонтални и вертикални текови, како две битија кои се предаваат и препуштаат едно на друго. Но тие се издигнати на степен на надбитие, пред нас е нова единка, затоа што тоа предавање е целосно. Сликарството на Мариета Сидовски е зрело и инвентивно. Таа го поетизира животот, подвлекувајќи ги неговите онтолошки и метафизички квалитети. Љубовта е основна водилка и оттука доаѓа поетичноста која зрачи од нејзините слики преку суптилно одбрани елементи или цитати. Изложените дела на изложбата „За тебе љубов моја“ претставуваат свеченост за окото, од нив струјат тонови, партитури. Се работи за сликарство со психолошка, симболична сугестија во која гледачот успева да ја осознае душевната состојба на сликарот, а тој пак преку своите дела стои целосно соголен пред нас. Сликарството на Мариета Сидовски како да открива една нова поетика и поетизација на љубовта. Открива, затоа што поттикнува нови сфаќања и нови ликовни доживувања.

3




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.