Златното момче на Прилеп за кое на големо се зборува

Давид Нешкоски е млад уметник, изведувач кој полека но сигурно гази кон интернационална кариера. Од ден на ден се гради како личност и артист и полека го освојува срцето и вниманието на голема публика. Преку “Crossroad blues band” и својот бенд “Давид Нешкоски трио”, стигна до Америка каде соработува со големи музички имиња и нижи успеси. Го замоливме да одвои дел од своето време и да одговори на неколку прашања.

 
Кажи ни нешто повеќе за тебе, твоето место на раѓање, школување, твоето опкужување, начин на живот, хоби?

Јас сум роден во градот под Марковите Кули, во музичка фамилија и тоа е местото каде завршив основно и средно образование (гимназија). Официјално музичко образование немам, но мојот начин на живот ми овозможи да се образувам музички со текот на времето. Долг период од мојот живот настапував со бендот на мојот татко Crossroad Blues Band каде и го добив основното музичко образување.
Потоа почнав да работам со мој бенд, трио, со коj снимив два авторски албуми и имав многубројни настапи во и надвор од границите на Македонија.
Мое хоби е само музиката. Сето тоа се спои во едно и прерасна во професионална определба која ја продолжувам до ден денес.

Кога се роди љубовта кон музиката, кога заплови по музичките води и колку време до сега трае таа опсесија?

На многу рана возраст се запишав во основно музичко училиште каде го изучував клавирот, но тоа прерасна во друга форма на музицирање, гитара, на која се задржав и продолжив да се продлабочувам во нејзините убавини. Потоа како што кажав станав дел од “Crossroad Blues Band”. Би ве корегирал, музиката не е моја опсесија, туку е цел мој живот, најубавото нешто што ми се случило. Тоа трае повеќе од 15 години, а јас имам 22 години.

Ги следиме твоите достигнувања и видовме дека си го променил местото на живеење. Како дојде со тоа и со која цел?

Благодарам. Знаете, секој прогрес во една конкретна работа доаѓа со своја одговорност и жртва. Ако целта е да се прави прогрес и да се оди нагоре во конкретната дејност, мора да се биде во средина која го овозможува токму тоа. Македонија ми е дома, секогаш ќе ми биде, но моја цел е да го работам ова на некое врвно ниво, и ако имам доволно среќа се надевам дека ќе се случи и тоа.

Дали еден наш млад уметник како што си ти може да успее, да опстои и да гради интернационална кариера во Америка?

Зошто да не. Не е важно од каде сте дошле, битно е каде одите. Најважно е дали верувате во таа цел, дали сте сигурни дека имате доволно голема желба за успех и колку сте спремни да дадете за да добиете една конкретна работа. Јас се трудам да направам што е можно повеќе и да го остварам тоа што го замислив. Не е воопшто лесно да дојдете во туѓа земја и да имате просперитет со нешто толку деликатно како музика, но благодарение на непокорливата желба и љубов кон музиката, верувам дека ништо не е невозможно ако доволно се сака и се работи кон остварување на целта.

Кој е твојот духовен музички водич, чии тонови и ноти се обидуваш да ги достигнеш?

Ако ме прашувате за моите музички учители ги имам повеќе. Јас пораснав со музиката на Stevie Ray Voughan, Eric Clapton, Jimi Hendrix, BB King, Albert King, John Mayer, Joe Bonamassa и ред други, луѓе кои поминале низ неверојатно тешки приказни , некои далеку потешки од мојата за да добијат една работа, така да може да се случи се. Двата мои авторски албуми се снимени на англиски така да јас ги следам нивните чекори и постапки и се трудам да се доближам што е можно повеќе до тој нестареечки звук.

Го издаде својот прв албум, како истиот е прифатен од публиката и какви коментари добиваш за истиот?

Првиот албум го издадов во Хрватска, исто така и во цела Европа. Наиде на промоција и на голем број на светски медиуми ( радија, телевизии и интернет). Направив промоција во Скопје. Добивав и сеуште добивам критики, коментари и предлози за нови остварувања. Да бидам искрен сите не можат да бидат позитивни, но јас сум благодарен за секоја критика, затоа што ми ги отцртува недостатоците и нештата на кои треба да се работи, а такви никогаш нема да престане да има.

Кој е твојот омилен музички настап и со кои познати музички имиња до сега имаш настапувано?

Не би можел да одделам таков, затоа што ја сум среќен што сум на бина и имам можност да му направам на другите да се чувствуваат убаво, чувство што со пари не се доплаќа. Сум настапувал со голем број интернационални артисти од блуз-рок водите. Некои од нив се Henrik Freishlader, Virgil and The Accelerators, Elias Zaikos, Ana Popovic и ред други. Од македонските изведувачи со Дамјан Пејчиновски, Венко Серафимов, Браќата Тавитијан, Влатко Стефановски и голем број други, што се надевам нема да ми се налутат ако не сум ги спомнал.

Кои се идните планови во твојата музичка кариера?

Мојот план е многу едноставен. Да продолжам тоа што го правам да го правам на се повисоко и попрофесионално ниво, со што е можно подобри музичари и артисти.

Со што моментално се занимаваш, дали подготвуваш нешто ново, песна, спот или можеби нов албум?

Третиот албум е готов, четвртиот е прикрај, се создаваат песни, се работи на подобрување на секое поле во музиката. Се надевам до крајот на оваа година ќе биде објавен третиот албум, а здравје за наредната ќе се оди на следното чедо. Спотови секако дека ќе има, сите што се заинтересирани за најнови информации ги поканувам да го посетуваат сајтот davidneskoski.com како и на социјалните мрежи, каде секојдневно ги објавувам новостите и настаните кои ќе се случуваат.

Како Давид Нешкоски го поминува слободното време?

Давид Нешкоски нема слободно време. Тоа подразбира и кога нема што да се прави се пишуваат песни, се средуваат нови аранжмани, се спрема нов проект. Морам да признаам уживам во откривањето на нови музички артисти од сите страни на светот, уживам во слушање нова музика, но покрај тоа и филмовите ми се голем составен дел од секојдневието. Тие понекогаш ми претставуваат и извор на инспирација и мотивација.

Ти благодариме за одвоеното време .

Ви благодарам за интересот и ви посакувам успешна работа во иднина.

Подготви: Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.