„И целиот род да го платат во прва класа ќе биде малку со оглед на инфлацијата која ни се случува во моментов во државава“. Со вакви стравувања, дел од македонските тутунари, денеска започнаа да го предаваат тутунот од годинашнава реколта, за кој тврдат дека е со извонреден квалитет и значително помалку од лани.
„Стартот ни најавува не баш така успешна реколта. „Сокотаб“ како водечки лидер во откуп на тутунот е отпочнат со лоша проценка на тутунот, но еве да оставиме прв ден, па да видиме како ќе тече во наредните неколку дена. Она што сакам да го потенцирам до Сојузот е да биде присутен цело време на откупните ваги…исто така и земјоделскиот Инспекторат да биде буден и присутен цело време за врема на овој откуп каде што преку своите инспекции може да придонесе за пореална откупна цена“, – рече Игор Мирчески, координатор на четирите новоформирани тутунски здруженија.
„Тутунот годинава е многу убав, нема скапан, нема трул, си велиме дека ќе поминеме добро…Лани, на почетокот добро беше, после не..“- вели тутунопроизводителот Методија Ѓорѓиоски.
Од вкупно осумте лиценирани откупувачи, првите тројца кои денеска го започнаа откупот е и прилепскиот Тутунски комбинат, од каде ветуваат повисоки откупни цени во споредба со лани.
„Очекуваме поквалитетна реколта за разлика од минатата година. Денеска е прв ден и се уште е рано за било какви заклучоци. Очекуваме дека просечната цена ќе биде далеку повисока од онаа што ја имавме минатата година“, – ветува првиот човек на прилепскиот Тутунски комбинат, Кире Станкоски.
„Мислам дека досега што исценивме се задоволни кооперантите…Исценивме и прва класа и втора и терта класа, од сите класи, значи“, – објаснува Верче Коцеска, проценител при Тутунски комбинат, Прилеп.
Годинава, на ниво на Македонија, тутунот ќе се откупува на 204 ваги со исто толку повереници.
Каролина Дурло