Заврши фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“

Со дефиле на сите учесници по булеварот „Гоце Делчев“ во центарот на градот, започна првата фестивалска вечер. Во Прилеп и на Рудина кај Долнени сите љубители на народниот мелос, имаа можност да присуствуваат на 41-виот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.

Градоначалникот Марјан Ристески истакна дека овој фестивал плени со дела на нашите изворни корени. Традиција која преку народните инструменти им ја пренесуваме на нашите најмлади.

Според Илчо Јованов, претседател на Советот на фестивалот, новите генерации млади и студенти се вљубени во изворните инструменти: тапанот, гајдата, кемането.

Учесниците имаа можност да присуствуваат и на семинарот за изучување на македонскиот изворен мелос. Според уметичкиот директор на фестивалот Родна Величковска, фестивалот полни четири децении го негува традиционалниот македонски фолклор.
„Од 500 пријавени, селекционата комисија избра 300 учесници од сите краишта на Македонија, а 20-ина кои учествуваат на семинарот се од Русија и Србија. Задоволството е големо овие денови посебно што на семинарот гостите од странство го изучуваат македонскиот изворен мелос. Ансамблот „Волја“ од Вороњеж, Русија го изучува традиционалното пеење, а гостите од Србија народните инструменти, посочи Величковска.
Во просториите на киното „Мис Стон“ беше оддржана презентација на филмот за јубиленото 40 издание на Фестивалот, а во галеријата на Домот на културата „Марко Цепенков“ беше оддржана и трибина на тема: „Влијанието на фестивалот во зачувување на македонскиот изворен мелос во Македонија и надвор од неа“.

Досега, во четирите децении одржување на фестивалот учествувале преку 9.000 исполнители на народни инструменти и песни од земјава и од речиси сите континенти.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.