Еко акција за чистење на просторот околу прилепското вештачко езеро и предавање на тема за која малкумина знаат

Во организација на Здружението “Менелај” од Прилеп, на 01.10.2022г. со почеток од 09:00 часот се организира ЕКО АКЦИЈА за чистење на просторот околу прилепското вештачко езеро. Збирното место е на паркингот кај езерото, а после акцијата ќе се одржи и предавање на една многу интересна и на малкумина позната тема.

Соопштението од организаторот во целост го пренесуваме во продолжение:

Летото помина, но зад нас останаа многу несимпатични траги. И покрај неколкуте еко-акции кои што беа спроведени околу Прилепско Езеро, сепак, неговата околина е повторно преплавена со смет. Со ова, рекреирањето во овој предел повторно се претвора во прошетка низ ѓубре, наместо прошетка во природа. Прилеп, а најмалку нашите деца не го заслужуваат тоа. Поради ова, ги здружуваме силите со цел да ги отстраниме “страните елементи” – шишиња, кеси, хартии – и да и дадеме простор на природата, која секогаш знае двојно да возврати. Ги повикуваме сите граѓани на Прилеп кои се во можност, да се приклучат на оваа еко-акција и да повторно да го „светнеме“ рекреативниот центар, брегот и шумата околу Прилепско Езеро.

Истовремено, ќе промовираме една помалку позната димензија на овој ареал, а тоа е културното наследство, присутно на самиот брег на езерото, со цел подигнување на свеста за просторот во кој живееме и неговото минато. На малкумина им е познато дека на самиот брег на езерото, многу одамна постоела вила која датира од римскиот период. Поради ова, во рамки на еко-акцијата, ќе биде посетена и локацијата на оваа вила и ќе биде одржано предавање за истата од страна на д-р Христијан Талевски.

Своето учество во оваа акција веќе го потврдија: Еко Свест – Прилеп; ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп; Извиднички Одред Феникс – Прилеп; Прилепски Волонтерски Одред, Vege Bar Aura, како и голем број волонтери.
Бидејќи овој настан е волонтерски, ве молиме понесете: вода, храна, алат (кој што е во можност) и се разбира добро расположение




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.