Едно одделение и пет нacтавници од Прилеп во изолациja пopaди позитивен ученик

Бројот на новодијагностицирани пациенти со Ковид-19 се намалува, а во меѓувреме расте опфатот на вакцинација против Ковид-19 на возрасните граѓани. Инаку, акцентот е ставен на промоција на повик кон помладите да се вакцинираат, а поради вирусот, од вчера во изолација се ставени неколку паралелки во Велес, Штип и Прилеп, иако според надлежните, училиштата засега не се во ризик.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека бројот на новодијагностицирани се намалува, а мал е бројот на ученици кои се заболени. Според него, ситуацијата спласнува во овој момент.

-Овие трендови на намалување на бројките продолжуваат и на вкупниот број на новодијагностицирани. Вчера нивниот број изнесуваше околу 490, значи под 500 и се намалува и бројот на прегледи во болниците. Еден од најголемите индикатори ни се прегледите на Инфективната клиника и таму се просечно од 120, 130 кога беше големиот притисок, сега е некаде околу 90, рече Филипче.

Нема притисок во болниците таму каде што висок е опфатот со вакцинација, на пример во Кавадарци, во Неготино, во Охрид, во Битола, во Ресен, во Гевгелија, а голем е онаму таму каде што е помал опфатот на вакцинација.

Од вкупниот број пациенти кои се хоспитализирани, а вакцинирани, најголем се со само една доза. Сепак според министерот, тоа е потврда дека е потребно време да помине да се развие имунитетот.

-Со сите вакцини имаме хоспитализирани пациенти, имаме и со „Фајзер“ и со „Спутник“, имаме и со кинеската вакцина, имаме пациенти од странство кои се вакцинирале со „Модерна“. Значи, во тој дел нема некоја разлика, рече Филипче и додаде дека младите кои починаа од Ковид-19 биле невакцинирани.

Акцентот во моментов се става на важноста да се вакцинираат и помладите граѓаните.

Надлежните посочуваат дека оваа категорија е помалку заштитена, и токму тие можат да го шират вирусот во своите семејства. Затоа, во четврток ќе се отвори пункт во рамките на кампусот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ каде со кадарот од Универзитетската амбуланта ќе се врши вакцинација и на помладите.

Министерот Филипче потенцира дека вакцините на „Фајзер“ се препорачани и безбедни и за децата од 12 до 18 години.

Инаку, на самиот почеток на новата учебна година, веќе се во изолација неколку паралелки во Велес, Штип и Прилеп поради ученици кои се позитивни на Ковид-19.

Поточно, едно одделение во прилепско основно училиште од денеска е во изолација, поради ученик во деветолетката кој бил позитивен на тестот за коронавирусот. Во изолација се и пет предметни наставници кои имале контакт со него.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.