Ден на плачот и апcypдот (Велики Петок)

Пишува Протоереј Љупче Петрески – в.д. старешина на храмот Св. Петка во населбата Точила во Прилеп.

Велики петок е денот кога се сеќаваме на смртта на нашиот Господ Исус Христос. Денес се обидовме да ги пресоздадеме настаните што се случија на Велики петок пред повеќе од 2000 години, дел преку богослужбените читања и пеења а дел и визуелно, не само за да се присетиме, туку и за да ни помогне првин да се сместиме меѓу вистинската толпа што го следеше Исус на патот до Голгота и го гледаше како умира на крстот а потоа и да се пронајдеме кои сме во таа толпа: дали оние кои на Цветници викаа „Осана!“ а по неколку дена веќе викаа: „Распни го“; дали во оние кои го судеа, го исмеваа, камшикуваа; дали оние следбеници кои се разбегаа кога го заробија или оние кои до последно останаа крај Него и му останаа верни!

Со симнувањето од Крстот, Погребението и изнесувањето на Плаштанацата, како одново да беа преживеани најтажните мигови од овоземниот живот на нашиот Спасител. Во атмосфера на плачно расположение Христос беше симнат од Крстот, повиен со чиста плаштаница и положен во гробот.
Кое е и колкаво е значењето на овој ден? Веројатно е многу поголемо отколку што нашите огревовени умови можат да разберат.
Пред се’, Велики Петок е ден за длабоко размислување за значењето на маките, болката, страдањето и смртта Христови.
Ден на христијанската односно Ден на универзална жалост. Затоа овој ден уште се нарекува и Црн Петок и Распет Петок.

Овој ден јас би го нарекол и ДЕН НА АПСУРДОТ. Зошто? Затоа што денес човечката глупавост достигнала кулминација извршувајќи го најсрамниот чин во историјата на човештвото! Денот кога, замислете, човекот Му суди на Бога, место Бог на човекот! Апсурдно! Денот кога човекот го оценува Бога, проценувајќи го на 30 сребреници! Денес човештвото го осуди Бога на смрт. Денот кога човекот го распна и го уби Бога. Замислете, човекот го уби Бога! Тоа е најголемиот бунт во историјата на небото и земјата. Светот никогаш не видел поневин осуденик и никогаш поглупав судија. Колку беше страшен тој ден Велики петок, ако може да се нарече и ден, а не ноќ без светлина и од небото и од земјата, вели еден теолог. Никогаш немало помалку Бог во човекот од денес; Никогаш помалку Бог на земјата од денес. Денес сето зло се вселило во човечкото тело, за да го избрка Бога од телото, вели отец Јустин Поповиќ.

Овој ден уште би го нарекол и ДЕН НА ПЛАЧОТ! Денот кога плачот треба да се слушне од длабочините на душата на целото човештво и да не доведе до помирување со божествената жртва Христова. Но, зошто треба да плачеме? Знам дека првиот одговор што ќе Ви падне на ум е: поради маките, страдањата и смртта кои ги вкусил Христос. Јас мислам дека треба повеќе да плачеме над себе си отколку за Христа, зашто Тој сакал да ги вкуси овие маки а заради откуп на нашите гревови. Тоа било предвидено во Божјиот Домострој. Мислам дека треба да плачеме заради нас самите, зашто со ништо не го заслуживме ова Христово спасително дело. Толку многу сме ничкосани во гревот што, би рекол, немаме толку солзи за да се исплачеме себе си. И после толку векови ние не сме нималку поразлични од онаа толпа која викаше „Распни го“! Затоа треба да плачеме!

Па тогаш зошто го правиме ова? Зошто се присетуваме на настани кои се навистина болни? Одговорот е едноставен: Исусовата смрт е добра. На Велики петок, Марија плачеше, Јован Возљубениот плачеше, другите ученици избегаа, Вероника и сите жени од Ерусалим плачеа за Исус. Сè изгледало болно во тој момент. Претпоставувам дека и самиот сатана сигурно се смеел преку устите на многумина кои го исмеваа Исуса. Тој ден се чувствувал како победник, не знаејќи дека Исус имал план: да ја поништи грешката на Адам и Ева и целосно да го ослободи човештвото од неговите раце.

Така, славејќи ја смртта на Исус, го славиме Животот што го имаме денес; фактот дека сега имаме пристап до рајот. Прославувајќи ја неговата смрт, ја славиме нашата крајна моќ како христијани над царството на темнината и сите сили на злото што преовладуваат во нашиот свет денес. Самиот крст стана наш пасош, наш билет, наше законско средство за плаќање!
Прославувајќи ја смртта на Исус Христос, ние го славиме нашето исцелување зашто како што вели пророкот Исаија: „Со неговите рани сме исцелени“. Амин!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.