„Денови на Крали Марко“ по деветти пат

Легендарниот лик на Кралот Марко, кој историски нераскинливо е поврзан со Прилеп, по деветти пат е инспирација за организирање на културната манифестација “Денови на Крали Марко”.
Во негова чест во дворот на црквата „Св. Никола“ во Варош се одржа ликовна колонија, литературно читање и историски час посветени на ликот и делото на овој легендарен јунак. Учениците кои членуваат во историската секција од ОУ „Блаже Конески“ и ликовната секција од ОУ „Кире Гаврилоски – Јане“ се потрудија преку своите изведби и дела да го прикажат ликот на Крали Марко.
Во рамките на манифестацијата „Денови на Крали Марко“, која традиционално ја организира Локалната самоуправа, синоќа во Градската библиотека „Борка Талески“ се одржа предавање со поетско читање на тема „Ликот на Крали Марко во македонската современа литература“
Со манифестацијата се одбележува годишнината од загинувањето на Крали Марко, а целта е промовирање на Прилеп како град каде што живеел овој легендарен крал.
Градоначалникот Ристески истакна дека во скоро врема во центарот на Прилеп ќе биде поставен споменик во чест на оваа легендарна и култна историска личност.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.