Градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, по повод 20 Мај – Денот на македонските пожарникари, упати искрена благодарност до припадниците на Територијалната противпожарна единица Крушево за нивната секојдневна пожртвуваност, храброст и посветеност во заштитата на граѓаните и нивните домови.
Во својата честитка, Чонески истакна дека пожарникарството е професија која бара огромна одговорност, дисциплина, човечност и подготвеност за справување со најтешките предизвици. Тој потенцираше дека припадниците на Територијалната противпожарна единица Крушево секојдневно стојат во првите редови кога е најпотребно, секогаш подготвени да интервенираат и да помогнат.
„Територијалната противпожарна единица Крушево е симбол на сигурност и спокој за нашиот град. Нивното знаење, професионалност, долгогодишно искуство и секојдневната подготвеност да се соочат со опасности заслужуваат огромна благодарност“, порача градоначалникот.
Тој додаде дека пожарникарите се вистински херои кои, и покрај ризиците и тешките услови со кои се соочуваат, без двоумење ја ставаат безбедноста на граѓаните пред сопствената.
На крајот, Чонески упати честитка до сите македонски пожарникари, посакувајќи им добро здравје, безбедни интервенции и успех во нивната хумана и одговорна мисија.

























