“Го исполнивме сонот на нашата покојна мајка”: После емотивниот настап со нејзиниот брат, Билјана си ја отвори душата

Билјана Зероска од Прилеп, со својот настап остави неверојатен впечаток во последната емисија од шоуто “Никогаш не е доцна”, каде после енергичната изведба на “Мама миа”, во ревијалниот дел од емисијата предизвика и прекрасни емоции кога настапи заедно нејзиниот брат, Методија Зероски.

После мини спектаклот кој го приреди, ги сподели и своите впечатоци, и истакна дека со овој заеднички настап ја исполниле желбата на нивната покојна мајка.

“Тој е музичар од својата петта година. Ние ја исполнивме желбата на нашата покојна мајка која е секогаш со нас. Таа е ангел сега, така да сигурно ужива во вашата емисија сега”, рече Билјана.

После настапот со нејзиниот брат, Билјана истакна дека иако со години живее во Англија, таа е горда на своите корени и балкански гени.

-Ние сме со југословенски гени, затоа искрено тешко ми паѓа кога ќе ме прашаат “Од каде си?”. Бидејќи јас како мало девојче имав еден пасош, југословенски. Имав мајка која беше чиста Македонка, татко кој беше Македонец по татко, а баба која имаше гени од Словенија. Така да јас и денеска се чувствувам како Југословенка. Ја сакам Македонија, ние сме родени во Прилеп, но сепак се чувствуваме како Југословени, истакна Билјана.

Преку гласање во бараж дуел со натпреварувач од Босна и Херцеговина, Билјана обезбеди настап и во третиот круг на ова популарно шоу, па и понатаму сите заедно ќе уживаме во она што наредно нашата прилепчанка ќе ни приреди.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.