Героски: Што сака да биде Заев – премиер, обвинител, Шерлок Холмс или Зоран Буревесник Божиновски?

Да се изнесе аподиктичен суд директно од собраниската говорница, за случај кој е во истрага („Рекет 2“), од страна на премиер кој е највисок претставник на извршната власт, која не смее да се меша во работата на правосудните органи, значи не само елементарно непочитување на системот на поделба на власта, не само обид да се изврши влијание врз истрагата од позиција на политичка моќ, туку и нешто многу пострашно – тоа значи дека премиерот се обидува лично да ја менаџира истрагата во сите нејзини фази, што е поведение за кое сигурно ќе биде жестоко опоменат од нашите европски партнери, анализира новинарот и главен уредник на порталот „Плусинфо“ Бранко Героски.

Во продолжение Ви пренесуваме дел од колумната на Героски:

После сѐ, не разбирам зошто Заев толку безглаво ризикува, зошто повторно се обидува да игра „ол ин“ без адути во ракавот и зошто воопшто се плетка во работи кои не се негов прерогатив. Зошто не може да каже – простете, јас сум премиер, а прашањата што ги поставувате се однесуваат на истражна постапка, обратете се кај надлежните органи. Начинот на кој Зоран Заев се обидува да „дисеминира“ наводи за криминални и корупциски зделки потсетува на начинот на кој тоа го прави Зоран Буревесник Божиновски. Но, еден контроверзен новинар може да си земе таква слобода, да изнесува аподиктични судови, да „пресудува“ практично, да ги интерпретира фактите слободно, понекогаш и пристрасно. Но, првиот човек на една влада не може да си дозволи такво поведение.

За која позиција сега се натпреварува кутриот Заев, што сака да биде тој после овие избори? Премиер? Обвинител? Шеркол Холмс? Или Зоран Буревесник Божиновски?

ПС. Кога веќе го спомнувам Божиновски, уште еднаш апелирам до Заев да си направи услуга и да се откаже од тужбата кон новинарот. Оти ќе биде, како што викав Кумановци, више дара него масло…

Целата колумна на Плусинфо.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.