(ВИДЕО) “Прилеп врие, понижен, пациентите помножени со нула? Вработените на улица, заради бизнис интереси?”

Прес конференција на Претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ – Прилеп, Петар Ристески

Во продолжение интегрален текст и видео од одржаната прес конференција:

“Помина речиси една година од владеењето на СДС. За жал, граѓаните не само што не го почувствуваа доаѓањето на животот кој во предизборната кампања им беше ветуван, туку истите на свој грб секојдневно ги чувствуваат погубните политики во сите области.

Здравството никогаш не било во покатастрофална состојба. И наместо владата предводена од СДС на чело со министерот Филипче да сработи нешто корисно, истата презема фатални експерименти на штета на народот.

За жал, ниту Прилеп и прилепчани, нема да бидат поштедени од лошите политики. Министерот Филипче го остава Прилеп без биохемиска лабораторија после цели 50 години. Со најновата мерка за централизирање на лабораториите Прилеп останува без лабораторија за неопходните испитувања на крвта.

За иронијата да биде поголема, околу 180.000 граѓани, жители од нашиот град и околните места, нема да може да извршуваат испитувања на крвта во Прилеп како досега. Истите ќе бидат принудени да патуваат до лабораториите во Битола, а вработениот кадар од лабораториите во болницата и здравствениот дом најверојатно ќе биде оставен на немилост.

Се поставува прашањето дали тие ќе бидат прераспределени во друг град или ќе останат технолошки вишок?

Ова е типичен пример на уназадување на здравствениот систем. Потсетуваме дека за време на нашето владеење oколу 30 милиони денари, беа вложени во набавка на нова опрема.

Се набавија четири ехо доплер апарати во одделенијата на рентген, интерно и урологија, оперативен стол со сателит светло и ехо апарат за операционата сала на гинекологија, мобилен RTG апарат на ортопедското одделение, пет пациент монитори, еден апарат за анестезија и компјутерски томограф кој беше крајно неопходен за потребите во градската болница. Исто така за оваа установа се набави и дигитален мамограф. 5 милиони денари беа потрошени за набавка на апарати за дијагностика во лабораторијата, спортската и трудовата медицина во ЈЗУ Здравствен дом.

Во оваа установа инвестиравме и во комплетно нов возен парк, набавивме нови санитетски возила за службите на итна медицинска помош и домашно лекување.
Од болница во која се вложени над милион евра за реконструкција и набавка на нова опрема од претходната власт, сега прилепската болница е сведена на најниско ниво на здравствена заштита – без лабораторија за најобично испитување на крвта! Небулоза на 21 век.

Со кој образ министерот изјави дека ќе ги фрли биохемиските апарати кои биле обезбедени од претходната власт? Зарем е лошо да се набавуваат апарати за здравствените установи? За жал владата предводена од СДС, засега не набави ниту една пинцета камоли опрема, за здравствените установи во Прилеп.

Според Филипче и СДСМ очигледно набавката на нова опрема не е реформа и приоритет. За Филипче и СДС приоритет е само деструкцијата и уништувањето на се што е претходно инвестирано.

Токму поради тоа, оваа ненародна власт мора да си замине што поскоро! Затоа што граѓаните заслужуваат подобрување на здравствените услуги, наместо празни погубни проекти кои ќе го уназадуваат здравството!”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.