Василица масовно одбележана во Прилеп: Среќниот пронаоѓач на паричката е Гаврил Кочоски (Фото галерија)

Со бурек, греано вино и топол чај, се одржа манифестацијата „На Василица во Прилеп-2023“ во организација на Општина Прилеп, по повод православниот христијански празник Св.Василиј (Василица), во кој се верува дека оној кој што ќе го најде паричето во бурекот, ќе биде среќен во текот на целата година. На плоштадот пред Градскиот саат во Прилеп, беа поделени околу 500 буреци меѓу граѓаните,кои ја посетија манифестацијата и уживаа во топлото време, надополнето со звуците на убава македонска староградска музика.

Целта е заедничко празнување на еден од поголемите празници Василица, кој кај православните христијани е познат и како Стара или Православна Нова Година истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

„Денеска, тука од центарот на Прилеп, со еден ваков настан кој започна минатата година насловен „На Василица во Прилеп“ го одбележуваме празникот Василица, кој што со сигурност е единствен ваков настан во Македонија, со кој сакаме да воспоставиме една традиција, која што ќе ја надоградуваме во текот на наредните години, со цел да прерасни во уште поголема манифестација и ќе претставува нов препознатлив бренд на Прилеп. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на општествено одговорните компании: пекари, винарии и ресторани кој што се приклучија на манифестацијата и дадоа свој придонес за нејзина реализација. Бурек, топол чај и греано вино има за сите присутни, а за најсреќниот граѓанин кој што ќе ја најде паричката, Локалната самоуправа ќе му подари скромен и симболичен подарок, за здравје, среќа, бериќет. Обичаите се убави, па заедно да настојуваме да ги продолжуваме и негуваме, бидјеќи тие се корените на нашето постоење, на нашата македонска традиција и препознатливост“. – рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески .

На манифестацијата „На Василица во Прилеп“ која се одржува по втор пат, општествено одговорните компании: Пекарите: Џулијано, Алекс, Маја и Филип како и гостилница Фешта, Чифлик-Винарија од Битола и Јавните претпријатиа Комуналец и Терминал, активно се вклучија во манифестацијата и дадоа свој придонес.

Гаврил Кочоски беше среќниот пронаоѓач на паричката, на кого градоначалникот во името на општината му подари симболичен подарок за здравје и среќа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.