Богатството на Битола: Живописниот манастир Св. Ѓорѓи во прегратките на Баба Планина (Фото галерија)

Селото Велушина се наоѓа на 12 километри оддалеченост од Битола, во подножјето на планината Баба. До селото се стигнува по патот кој води кон некогашниот граничен премин Доброш, каде се наредени неколку села. Најголемо од тие села е селото Бистрица, а малку подолу се стигнува и до таблата која ќе ве упати кон Велушина, село со богата историја, цркви и богато културно наследство.

На исток се простира Велушкото поле, како дел од Пелагониската котлина, а на запад е планината Баба. Низ селото течи Велушка Река. Атарот на селото Велушина граничи со атарите на селата: Од јужната страна со селата Граешница и Лажец, од западната страна со селото Острец, од север со селото Канино, и од исток со селата Породин/Меџитлија.

Иако не се знае точно колку луѓе денес брои селото, сепак сите ја заокружуваат бројката од околу двесте жители од кои триесеттина Македонци и останатите Албанци.

На 1.7 км западно од село Велушина се наоѓа прекрасниот манастирски комплекс Св. Ѓорѓи.

До манастирот има асфалтен пат кој води низ селските маала и се стигнува до големата манастирска порта. Влегувате внатре и има што да видите. Прекрасно уреден двор, чисто, средено, со место за одмор, прекрасни конаци, а на средина се наоѓа манастирот кој е изграден во далечната 1836 година.

Внатре ќе ве пречекаат чичко Стеван и неговата сопруга кои се грижат за манастирот и одржуваат се’ да биде во најдобар ред. Гостопримливите домаќини ќе ви раскажат се’ за манастирот, ќе ви раскажат за Божји чуда кои се случуваат и на кои биле сведоци. За тоа нема да зборуваме тука, туку ќе оставиме да го посетите божјиот храм посветен на Св. Ѓорѓи и сами да се уверите во овие зборови.

За празникот Ѓурѓовден минатата година тука било исполнето до последно место, немало каде игла да се фрли, но оваа година поради пандемијата со кopoнавиpycoт изостанала масовната прослава.

Над манастирот се распослала раззеленетата Баба Планина со прекрасната густа шума и мирис на воздухот кој плени.

Иконостасот во црквата, кој го одвојува олтарниот простор од централниот дел, исполнет е со икони работени од повеќемина зографи. Според стилските карактеристики, изгледа дека претставата на Архангел Михаил врз вратата на северниот дел од иконостасот е дело на Јован Зограф, авторот на ѕидното сликарство.

Од првата половина на 19 век е датирана и големата икона на Св. Ѓорѓи, патронот на храмот. Другите престолни икони како и иконостасниот крст, стилски се блиски со творештвото на браќата Константин и Димитар Анастасови од Магарево. Од нив најверојатно се и насликаните медалјони со претставата на Благовештението врз царските двери украсени со резба. Иконите од горниот ред на иконостасот, вкупно 15, со сцени од животот на Христос, се карактеризираат со една поинаква ликовна и колоритна звучност во однос на другите дела.

Со многу труд и љубов деновиве започнала и изградбата на дополнителни сместувачки капацитети, за кои чичко Стеван вика дека ќе бидат многу убави.

Во кругот на манастирот има и зајачиња, паун, потполошки и кучиња чувари, кои дополнително го збогатуваат ова живописно место.

Манастирот е опкружен со камена ограда од каде можете да уживате во прекрасниот поглед кон Пелагониското поле.

Нека овие фотографии бидат доволна мотивација да искористите дел од слободното време и заедно со семејството да го посетите ова свето место кое сигурно ќе ве освои.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.