Андреа последна во обложyвалниците: Еве кои се фаворити за победа на Евровизија

Андреа Коевска со песната „Circles“ вечерва ќе ја претставува Македонија на втората полуфинална вечер од годинешното издание на Евровизија кое се одржува во Торино, Италија.

Под реден број 11 Андреа ќе настапи на 66-то издание на оваа престижна музичка манифестација и покрај скандалите кои и оваа година беа неминовни кога е во прашање учеството на Македонија.

Нејзиното учество беше неизвесно откако таа случајно или не, го фрли на земја знамето на тиркизниот килим на отворањето на Евровизија за да се фотографира без него. Тоа предизвика лавина негативни коментари и осуда од јавноста, но и од Македонската Радио Телевизија која најави санкции за евровизиската делегација кога ќе се вратат.

Од друга страна, во последните години актуелни се обложувањата за тоа кој ќе влезе во финале или кој ќе победи на Евровизија. Од самиот старт Македонија е на дното кога се во прашање шансите за победа или влез во финале.

Долго време бевме последни на 40-та позиција, а денеска неколку часа пред почетокот на настапот сме на 33та позиција (и натаму последни), откако седум земји веќе испаднаа во првата полуфинална вечер.

Претставничката на Србија Констракта, од друга страна, која единствена вечерва ќе пее на свој мајчин јазик, постојано ги зголемува шансите за победа. Беше околу 30-та позиција, па околу 20-та за да денес на денот на настапот е на 10то место.

И натаму најголеми шанси за победа има Украина, па следуваат Велика Британија и Италија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.